Честит 9 мај – Денот на победата
автор /
Прес центар на СПМ
Прес центарот на СПМ се грижи за континуирано информирање на своите членови и симпатизери во врска со заложбите, активностите и плановите на СПМ
May 9, 2025
Вести
Почитувани другари и другарки, граѓани на Македонија,
Со особена почит на македонските социјалисти кон паднатите херои во Антифашистичката Народно Ослободителна Борба, го чествуваме денешниот голем ден и величенствената Победа над фашизмот.
Со должна и искрена благодарност се поклонуваме пред македонските храбри партизани и борци кои ја поднесоа најголемата жртва кон Татковината, сопствениот живот за конечното освојување на најсветата слобода која македонскиот народ со векови ја сонувал и ја посакувал.
Животите на македонските партизани се темелот на нашата држава и нашето достоинство и постоење како народ, свесен за својата големина, посебност, јазик, култура и длабока историја.
Горди сме во Социјалистичката партија на Македонија затоа што токму нашите претходници, македонските социјалисти, го формираа Народно Ослободителниот Фронт и го поведоа македонскиот народ во Народно Ослободителната Борба и социјалистичката револуција кон конечната победа и слобода.
Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од светската историја одлучно и храбро застанаа на вистинската страна заедно со југословенските народи, со антифашистичките сојузници и со сите прогресивни сили и напредни народи и држави спротивставувајќи му се на фашистичкиот непријател.
9-ти Мај е круната на нашата македонска идеја за сопствена држава, денот кога ги остваривме нашите надежи за социјална правда и еднаквост и слободни да бидеме свои на своето.
На овој ден се оддолжуваме и на страдањата и жртвите од големата Илинденска епопеја, ден кој претставува остварување на нашата вековна идеја за самостојна Македонија.
А токму таа идеја била главниот мотив за многу генерации и за сите македонски учесници во воениот виор, идејата која ги крепела низ сите искушенија, предизвици и битки.
Оттаму, партизанските одреди со гордост ги носеле имињата на нашите илинденски великани како потврда на силната поврзаност меѓу првиот Илинден од 1903-та година со 1941-та година и со АСНОМ, столбот на современата македонска држава.
Нашиот народ, во Втората светска војна, даде немерлив придонес во борбата против најголемото зло на XX Век. Чувајќи го споменот на борците имаме обврска за будност, за мир, за борба за правда и еднаквост и грижа за македонскиот народ и држава.
Денес имаме просперитет, а со многу трпение и време сила за реформи и развој, со взаемна почит да градиме внатрешна стабилност, рамноправно и социјално општество со демократски вредности достојни за сите нас.
Да останеме единствени и обединети, да ги зачуваме вредностите и придобивките за кои борците ги положија своите животи, и да работиме за иднината која тие ја сонуваа, слободна, праведна и силна Македонија.
Смрт на фашизмот-слобода на народот!
Вечна слава на борците против фашизмот!
Нека ни е честит 9-ти Мај, Денот на победата!
Социјалистичка партија на Македонија
Споделете го текстот
Споделете

