Честит 8-ми септември
автор /
Прес центар на СПМ
Прес центарот на СПМ се грижи за континуирано информирање на своите членови и симпатизери во врска со заложбите, активностите и плановите на СПМ
September 7, 2026
Вести
Почитувани Македонци,
почитувани сограѓани,
Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија!Ова е денот кога со особена гордост и љубов се поврзуваме со нашата Татковина – Македонија. Пред 35 години, обединети околу историското право и вековната желба – да бидеме свои на своето – македонскиот народ храбро, решително и одговорно го оствари вековниот сон на нашите предци.На 8 септември 1991 година, на нашиот Трет Илинден, македонскиот народ ја потврди својата историска определба за слободна, независна и суверена Република Македонија.Тоа не беше само политички чин. Тоа беше чин на народната волја и достоинство, на историската свест и одговорност. Со Референдумот ја заокруживме вековната борба на македонскиот народ за своја држава, за своја земја, за право самите да одлучуваме за својата иднина.Државата Македонија не е случајност, не е подарок и не е туѓо дело. Таа е резултат на генерации Македонци кои верувале, истрајувале, се бореле и се жртвувале.Затоа, Македонија не може да се гради врз основа поинаква од АСНОМ-ските темели и волјата на граѓаните изразена на Референдумот од 8 септември 1991 година. Во изминатите години доживеавме и подеми и падови, и возвишена среќа, но и болка; доживеавме и големи предавства кои не се простуваат. Некои наши, со лице на светци, а во срцето волци, и името ни го продадоа, ни го одземаа достоинството и ни ги скршија крилјата во летот високо.Но, повторно опстоивме и издржавме, исто како и нашите предци, и покрај невидениот и нечовечки притисок врз нас.Оттаму, денес да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска да го чуваме наследството што ни е доверено. Обврска да го чуваме достоинството на оние пред нас и обврска да ги зачуваме идентитетот, јазикот, културата и историското паметење за оние по нас.Зашто народ без паметење е народ без корен. А ние имаме длабоки корени и историја, имаме големо македонско име, свој македонски јазик и култура и имаме наша Држава.Ние знаеме кои сме, знаеме што сакаме да бидеме, каде припаѓаме и сакаме нашата иднина да ја градиме тука – во нашата Македонија. Денес вистинскиот суверенитет се брани со силна економија, социјална правда и достоинствен животен стандард за секој граѓанин.Должни сме да ги вратиме достоинството на работникот, сигурноста на семејствата и вербата дека трудот и чесноста се вреднуваат. Македонија ќе биде силна само кога ќе биде економски напредна, праведна и социјално стабилна земја каде секој човек ќе се чувствува почитуван, вреднуван и заштитен. Наша обврска е да ја градиме како слободна, достоинствена, просперитетна и суверена држава.Држава која ќе го чува и почитува своето минато, но храбро ќе гледа кон иднината. Затоа токму денес, со гордост и со вера силно порачуваме:
Среќен 35-ти роденден, Татковино!
Си била и ќе бидеш – Македонија!
Да ни е вечна и вековита Македонија!
Да живее Република Македонија!
Љупчо Димовски
Претседател на Социјалистичката партија на Македонија
Споделете го текстот
Споделете

