Честитка до просветните работници
автор /
Прес центар на СПМ
Прес центарот на СПМ се грижи за континуирано информирање на своите членови и симпатизери во врска со заложбите, активностите и плановите на СПМ
May 24, 2025
Вести
Почитувани наши просветни работници,
Честит 24-ти Мај, Денот на македонските и сесловенските просветли и учители, Светите браќа Кирил и Методиј.
Денес го чествуваме нивното вонвременско дело и уште еднаш со огромна благодарност се сеќаваме на непроценливото наследство кое го оставија за нас Македонците и сите словенски народи нашите македонски просветители и учители, Светите браќа Кирил и Методиј.
Мисијата на Светите браќа е овозможување на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и да ја пренесуваат својата култура и традиција, и сами да ја пишуваат својата историја.
Живописот на Светите браќа сведочи за големината на човековата верба, упорност и истрајност, за непобедливоста на правичноста и нескршливоста на човечкиот дух.
Наша должност кон Светите браќа кои ни дадоа АзБука, кон учебникарите кои нè образуваа, кон преродбениците кои нè просветлуваа, кон писателите и поетите кои го подмладуваа и до восхит го надградуваа нашиот македонски јазик, е одговорно да го користиме јавно изговорениот и пишаниот збор. Бидејќи нашиот премудар Конески ни кажа дека нашиот јазик е единствената наша комплетна Татковина, која сме должни секогаш, а особено во време на предизвици, да ја чуваме со зборови на сплотеност и почитување, независно од нашите идеи, погледи и ставови.
Вие нашите просветни работници, сите учители, наставници и професори со својата непроценлива работа сте светилниците на нашиот образовен систем, чуварите и пламенот што го грее нашиот македонски јазик и македонската памет.
Нека е вечно делото на нашите македонски учители и сесловенски просветители, Светите браќа Кирил и Методиј и нека ни е за многу години празникот на македонските просветни работници!
Љупчо Димовски
Претседател на СПМ
Споделете го текстот
Споделете

