Соопштение
автор /
Прес центар на СПМ
Прес центарот на СПМ се грижи за континуирано информирање на своите членови и симпатизери во врска со заложбите, активностите и плановите на СПМ
September 17, 2026
Вести
Деновиве во Стразбур, пред Европскиот парламент, беа упатени низа пораки за иднината на Европската Унија, европските вредности, проширувањето и местото на Западен Балкан во европската иднина.
Социјалистичката партија на Македонија смета дека овие пораки заслужуваат сериозен и принципиелен одговор.
Доколку иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, за што повторно се најавени нови патокази за кандидатите кои постигнале најголем напредок, СПМ очекува оваа определба да биде проследена со јасни, еднакви и предвидливи правила за сите држави кандидати. Ако проширувањето е процес заснован на заслуги, тогаш заслугите мора да се мерат со еднакви европски критериуми, а не со дополнителни билатерални условувања.
Особено е значајна пораката за „почитувањето на нашите (европските н.з.) вредности не се преговара“. СПМ ја прифаќа оваа европска определба, но токму затоа бара нејзина доследна и еднаква примена и кон Македонија.
Ако за европските вредности не се преговара, тогаш не се преговара ниту за нашиот Устав, државноста и суверенитетот, македонскиот јазик, идентитетот, историјата и културата.
Македонија во изминатиот период постигна значаен напредок во реформската агенда, токму во областите што од претседателката на Европската комисија беа издвоени како стратешки приоритети на идната Европа – енергетиката, дигитализацијата, дигиталната инфраструктура, модернизацијата на јавните услуги, иновациите, технолошкиот развој и економската конкурентност.
Доколку Европската Унија навистина го застапува принципот на пристапување засновано врз заслуги, тогаш овие резултати мора да имаат конкретно европско признание и конкретен чекор напред. Македонија не може постојано да слуша дека треба да напредува, а кога напредува – да се појавуваат нови услови.
Затоа упатуваме јасен повик до Европската Унија: препознајте го постигнатото, применете ги истите критериуми што важат за сите и отворете јасен и предвидлив пат за Македонија кон следната фаза од европската интеграција. Заслугите мора да значат напредок, а европската перспектива мора да биде мерлива, кредибилна и остварлива.
Ако Европа сака силен и веродостоен Западен Балкан, тогаш сега е време тоа да го покаже и кон Македонија.
Претседателката на Европската комисија се осврнс и на вистината, правдата и почитувањето на жртвите од војните во поранешна Југославија. СПМ смета дека ова е принцип што мора да важи за сите жртви и за сите народи. Доколку Европа бара со право да се почитуваат жртвите и историското паметење, тогаш со истиот критериум мора да бидат почитувани и жртвите во Македонија од бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна, како и македонската историска вистина и паметење.
Европската вредност на сеќавањето не може да биде селективна. Историската вистина не може да има двојни стандарди.
Во тој контекст, СПМ го поставува и прашањето за новите форми на европско партнерство. Предложено е отворање на патот Канада да стане прв придружен член на Европската Унија, со продлабочена соработка во економијата, технологијата, одбраната, енергијата и критичните минерали.
Овој предлог покажува дека Европската Унија размислува за нови и флексибилни модели на поврзување. Токму затоа, и земјите од Западен Балкан заслужуваат јасна, предвидлива и фер европска перспектива, без постојано поместување на условите.
Европа ја гради својата сила врз демократијата, слободата, владеењето на правото и различностите. Но, различностите се европска вредност само ако се почитуваат и тогаш кога се однесуваат на македонскиот народ, македонскиот јазик, култура и идентитет.
СПМ затоа смета дека европскиот пат на Македонија треба да биде пат на силни институции, владеење на правото, демократија, економски развој и европски стандарди, но не и пат на откажување од сопственото национално и културно достоинство.
Не бараме Европа да преговара со нашиот идентитет. Бараме Европа да го почитува.
Ако Европа вели дека за вредностите не се преговара, тогаш таа порака мора да важи и во односот кон Македонија.
За европските вредности – не.
За македонскиот идентитет – исто така не.
Споделете го текстот
Споделете

