за подобра македонија!
автор /
Прес центар на СПМ
Прес центарот на СПМ се грижи за континуирано информирање на своите членови и симпатизери во врска со заложбите, активностите и плановите на СПМ
September 30, 2026
Вести

За подобра Македонија
Од идеја до држава
Од борба до смрт или слобода
Од слобода до достоинство на човекот.
Македонската социјалистичка идеја има свој историски корен, свој континуитет и свое трајно место во развојот на македонската национална и државотворна мисла. Таа не се појавува како туѓа политичка матрица, туку се развива низ македонските револуционерни, работнички, национално-ослободителни и државотворни процеси.
Нејзината суштина отсекогаш била во единството на националното и социјалното – слободна Македонија и слободен човек, национално достоинство и човечко достоинство, државност и социјална правда, слобода и еднакви можности.
Од првите организирани носители на социјалистичката мисла, преку Васил Главинов, Гоце Делчев, Димитар Влахов, Никола Карев и генерациите македонски револуционери, до Народноослободителната борба и АСНОМ, се препознава една голема историска нишка: Македонија да биде своја на своето, а човекот да биде слободен и достоинствен.
Тоа е идејата која националното ослободување го разбира како предуслов за човековата слобода, а социјалната правда како нејзина суштинска содржина.
Во 1893 година се појавува организираната социјалистичка мисла на македонските простори. Во 1903 година нејзините идеи се вградуваат во револуционерната епоха. Во 1941 година се преточуваат во Народноослободителната борба. Во 1944 година се создаваат темелите на македонската државност и институционалниот развој на современа Македонија. Во 1991 година македонската државност добива нов историски облик во независна Република Македонија. Во 2017 година одлучно рековме ДА за одбрана на Уставот и законите, правдата и националното достоинство.
А во секое време останува истото суштинско прашање:
Каква Македонија сакаме да оставиме зад себе?
Македонија која ќе го чува својот идентитет, својот јазик, својата култура и своето историско достоинство, но истовремено ќе создава општество во кое човекот нема да биде оставен сам пред неправдата, сиромаштијата и нееднаквоста.
Затоа социјалистичката идеја не е само сеќавање на едно минато време. Таа е и современо прашање за човекот, трудот, солидарноста, правдата, еднаквите можности и достоинството на животот.
Во време на нови поделби, несигурност и обезвреднување на човекот, повторно се отвора прашањето за смислата на една лево ориентирана политика која во својот центар го поставува човекот, неговата слобода и неговото достоинство.
Социјалистичката партија на Македонија го носи тој историски континуитет.
Од првите македонски социјалисти, преку револуционерната и антифашистичката борба, до современата македонска држава – идејата за слободна, суверена, достоинствена и социјално праведна Македонија беше и останува нејзината трајна определба.
Затоа, историјата не е само она што поминало.
Историјата е и обврска кон иднината.
Да ја зачуваме преку она што сега го создаваме.
Да продолжиме да ги афирмираме еднаш тешко стекнатите вредности.
Да го исправиме она што е неправедно.
Да изградиме сега она што во иднина треба да постои како вредност.
За Македонија.
За човекот.
За достоинството.
За социјалната правда.
Силна Партија за подобра Македонија!
Споделете го текстот
Споделете

