Скопје, мај  2017 година

Статутот на Социјалистичката партија на Македонија усвоен на нејзиното Основачко собрание, одржано на 28 септември 1990 година.

На Конгресот на Социјалистичката партија на Македонија, одржан на 08 јуни 1991 година, на Вонредниот конгрес одржан на 26 мај 1996 година, на Третиот конгрес одржан на 25 март 2000 година, на Петтиот конгрес одржан на 25 октомври 2003 година и на Осмиот конгрес одржан на 27 мај 2017 извршени се одделни измени и дополнувања. Во продолжение на текстот на Статутот внесени се сите измени и дополнувања (пречистен текст).

ОСНОВНИ НАЧЕЛА

Социјалистичката партија на Македонија е политичка партија со демократска социјалистичка ориентација.

Социјалистичката партија на Македонија ги продолжува револуционерно-политичките традиции на напредната социјалистичка мисла на Македонија и потврдените вредности на социјалистичкото работничко движење. Како следбеник на Народниот, односно Народноослободителниот антифашистички фронт и Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија, Социјалистичката партија на Македонија останува доследна на нивните богати искуства, инспирирани од прогресивните социјалистички и хуманистички идеи, збогатувајќи ги со нови современи барања.

СПМ преку легални и демократски средства се бори за освојување на власта.

СПМ својата активност ја заснова врз сопствената Политичка платформа и Програма. Во рамките на институциите на системот СПМ ќе работи на елиминирање на каков било монопол на одлучувањето.

Своите внатрешни демократски односи СПМ ги гради врз основа на обезбедување на јавност и одговорност на своите органи кон сопственото членство. Партијата обезбедува постојана отвореност кон сите иницијативи на членството и обезбедува постојана заемна комуникација и информираност на органите на сите нивоа на својата организираност.

Социјалистичката партија на Македонија е отворена за сите граѓани со социјалистичка ориентација кои ги обединува заеднчка цел – изградба на демократско општество, засновано на економска и политичка слобода и демократија, меѓуетничка рамноправност и толеранција, социјална сигурност и солидарност и забрзан економски и општествен развиток . . .

    СЛОБОДАТА, ПРАВДАТА И СОЛИДАРНОСТА ЗА СПМ СЕ НАЈГОЛЕМИ ЧОВЕЧКИ ВРЕДНОСТИ.

Својата политичка и социјална основа Социјалистичката партија на Македонија ја наоѓа кај сите граѓани, без оглед на нивните национални и верски определувања, социјален статус и образование …

За нас, сите луѓе се еднакви и подеднакво одговорни во сите домени на нивното политичко и општествено ангажирање. Обединета Европа како свет без граници е наша визија. Нашата определба е развивање на економски, културни и политички врски со сите земји кои мирот, слободата и рамноправноста ги прифаќаат како цивилизациска вредност.

Програмските определби за Социјалистичката партија на Македонија, остануваат трајни и еволутивни облици на понатамошното програмско поврзување, односно коалиција со други политички субјекти, врз основа на принципите на доброволност, рамноправност и автономност на политичките субјекти.

Во воспоставувањето и развивањето на своите односи со партии и организации во светот, посебно со партии со демократска социјалистичка ориентација, Социјалистичката партија на Македонија поаѓа од начелата на рамноправност, меѓусебно почитување, и унапредување на социјалистичката демократска мисла и практика за обезбедување на мирот и соработката врз заемни интереси.

ОСНОВНИ ПРОГРАМСКИ ОПРЕДЕЛБИ

Основни програмски определби на Социјалистичката партија на Македонија се:

  1. СЕСТРАН РАЗВОЈ И ПРОГРЕС НА МАКЕДОНИЈА КАКО УНИТАРНА И ГРАЃАНСКИ ОПРЕДЕЛЕНА СУВЕРЕНА ДРЖАВА;
  2. ИЗГРАДУВАЊЕ ДЕМОКРАТСКИ СОЦИЈАЛИЗАМ КАКО ХУМАНО И БОГАТО ОПШТЕСТВО СО ЦЕЛОСНА ЕКОНОМСКА И ПОЛИТИЧКА ДЕМОКРАТИЈА, ПРАВНА ДРЖАВА, СОЦИЈАЛНА ПРАВДА И СИГУРНОСТ.
  3. РАЗВОЈ НА ПАЗАРНО СТОПАНСТВО, ЕКОНОМСКИ ПРОСПЕРИТЕТ И ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА;
  4. ЗАШТИТА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ, ШТО НА СЕКОЈ ЧОВЕК МУ ПРИПАЃААТ БЕЗ ОГЛЕД НА НАЦИОНАЛНОСТА, РАСНАТА, ВЕРСКАТА, СОЦИЈАЛНАТА, ПОЛОВАТА ПРИПАДНОСТ ИЛИ ПОЛИТИЧКО УБЕДУВАЊЕ;
  5. ШТИТЕЊЕ НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ, КАКО ИЗРАЗ НА ЧОВЕКОВАТА ПРИРОДНА, КУЛТУРНА, ЕКОНОМСКА И ПОЛИТИЧКА ЕМАНЦИПАЦИЈА И ТРАЈНА ЦИВИЛИЗАЦИСКА ПРИДОБИВКА, ПОСТОЈАНА ГРИЖА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ И ЗА ПРИВРЕМЕНО ВРАБОТЕНИТЕ ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО СТРАНСТВО;
  6. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЛОВИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ШТО ЖИВЕАТ ВО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ;
  7. ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ КОЕ ЌЕ ВОДИ СМЕТКА ЗА ПРАВИЛЕН РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ;
  8. ГРИЖА ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, КУЛТУРАТА, ЗДРАВСТВОТО, КАКО И ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА И ПЕНЗИСКОТО ОСИГУРУВАЊЕ;
  9. ГРИЖА ЗА РАЗВОЈ НА СЛОБОДНОТО И НЕЗАВИСНО НОВИНАРСТВО И ИНФОРМИРАЊЕ.

Ч Л Е Н С Т В О

Член  1

Член на Социјалистичката партија на Македонија може да биде секој полнолетен граѓанин – државјанин на Република Македонија кој го прифаќа Програмата и Статутот на Партијата.

Член  2

Зачленувањето и евиденцијата на членството се врши во месните и општинските организации на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  3

Зачленувањето се врши со потпишување на изјава – пристапницата во која се наведува името и презимето, датата, местото на раѓањето и живеењето, степенот на образованието и националната припадност. Членувањето е доброволно.

Член  4

На членот на Партијата му се врачува членска книшка, чиј облик го утврдува највисокиот орган на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  5

Членот на Партијата плаќа членарина. Висината на членари-ната, начинот на нејзино прибирање и распоредување ги утврдува Републичкиот одбор на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  6

Членот има право да дава иницијативни и предлози за работата на Партијата и на нејзините органи и да учествува во нивната работа, да искажува лични мислења и ставови и да се бори за нивно усвојување и остварување, да избира и да биде избран во органите и телата на Партијата, пратеници и функции во Собранија-та на општините, Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, да членува и во други организации и движења чии програмски цели и дејствување не се во спротивност со програмската платформа и целите на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  7

Членот на Социјалистичката партија на Македонија е должен да се придржува на Статутот и да работи на остварувањето на програмските цели на Партијата, со својот однос и работа да го чува и унапредува угледот и влијанието на Партијата, свесно и одговорно да ги врши своите функции во органите и телата на Партијата.

Член  8

Членувањето во СПМ престанува со доброволно истапување од организацијата. Член на Партијата може да биде исклучен доколку дејствува спротивно на интересите на Партијата и нејзините статутарни и програмски цели. Одлука за исклучување на членот донесува оној орган што го примил во организацијата или повисок орган по претходна расправа пред органот во присуство на членот.

Членот може да биде исклучен ако е уредно поканет, а одбие да учествува во расправата на органот. Подготовката за расправата ја прави посебна работна група што ја формира одборот (месен одбор, општински одбор). За исклучен се смета оној член за чие исклучување гласало мнозинството од членови на одборот. Против одлуката за исклучување членот има право на жалба во рок од 30 дена од донесувањето на одлуката до повисокиот орган на Партијата. Органот до кој е упатена жалбата задолжително одлучува по жалбата во рок од 30 дена. Ако членот не ја обжали одлуката за исклучување, таа станува полноважна.

НАЧИН  НА  ОРГАНИЗИРАЊЕ

Член  9

Социјалистичката партија на Македонија се организира на територијален принцип.

Социјалистичката партија се организира и на функционален принцип.

Облици на организирање на СПМ се:

  • Месна организација;
  • Општинска организација;
  • Градска организација; и
  • организирање на СПМ на ниво на Република.

Член  10

Месната организација може да се формира ако има најмалку 5 членови.

Месната организација може да се формира и да дејствува на подрачјето на една, две или повеќе месни заедници, во зависност од бројот на членовите и други услови.

Во рамките на Месната организација доколку таа брои над 10 члена треба да се изберат органи и други облици на организирање и дејствување во согласност со Статутот и Програмата на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  11

Општинската организација ја сочинуваат сите членови на Партијата, организирани во месните организации на подрачјето на општината.

Член  12

Општинските организации од подрачјето на град Скопје се здружуваат во Градската организација на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  13

Републичката организација на СПМ ја сочинуваат месните, општинските и Градската организација на Партијата.

ОРГАНИ НА СПМ

Член  14

Органи на партијата се:

Конгрес,

Републички одбор,

Надзорен одбор,и

Претседателство

Член  15

Конгрес:

Конгресот е највисок орган на СПМ. Конгресот се одржува по правило на секои четири години. Одлука за свикување на Конгресот, бројот и начинот а избор на делегатите донесува Републичкиот одбор на Партијата.

Конгресот донесува Статут и Политичка програма на Партијата и врши нивни измени и дополнувања: го усвојува Извештајот за работата на Партијата меѓу два конгреса, избира Републички одбор, претседател на СПМ и Надзорен одбор.

Во периодот меѓу два конгреса измени и дополнувања на Програмата и на Статутот на Партијата може да врши и Републичкиот одбор.

Член  16

Вонреден конгрес.

Републичкиот одбор одлучува за свикување на Вонреден конгрес и одлучува за бројот и составот на делегатите.

Вонредниот конгрес на СПМ се свикува:

  • по одлука на Републичкиот одбор на СПМ со мнозинство на гласови од членовите на Одборот.

Иницијатива за свикување на Вонреден конгрес можат да дадат повеќе од половината од општинските одбори и Градскиот одбор на Социјалистичката партија на Македонија.

Предлагачот на Вонредниот конгрес е должен да даде образложение за потребата од одржувањето на Вонреден конгрес и да предложи дневен ред.

РЕПУБЛИЧКИ ОДБОР

Член  17

Републичкиот одбор е највисок орган на Социјалистичката партија на Македонија во периодот меѓу два конгреса. Републичкиот одбор го избира Конгресот, а во него по функција влегуваат сите избрани градоначалници, пратеници, членовите на Претседателството на Младите социјалисти и Форумот на жени.

Републички одбор:

– ги разгледува сите прашања врзани за спроведувањето на Програмата на Партијата и покренува и разгледува други прашања и проблеми од значење за членството и пошироко за граѓаните;

Републичкиот одбор меѓу два конреса одлучува за проширување на бројот на своите членови и може да врши промени на раководните личности.

– ја оценува работата на општинските организации и Партијата во целина. Доколку констатира дека органите на одделна општинска организација не се активни или работат спротивно на програмските определби и Статутот и нанесуваат штета по угледот на Партијата, Републичкиот одбор може да донесе одлука за промена на Раководството или распуштање на организацијата со мнозинство на гласови од избраните членови.

– ја оценува работата на органите на власта;

– ги утврдува основите за соработка со другите политички партии и други организации, сојузи, здруженија, движења;

– предлага кандидати и кандидатски листи за носители на функциите во Партијата и во органите на власта;

– избира потпретседатели, генерален секретар, извршни секретари, портпарол на партијата и Претседателство;

– формира свои тела и облици на дејствување;

– донесува финансиски план и завршна сметка на Партијата;

– донесува Одлука за распишување на избори во општинските организации на СПМ.

НАДЗОРЕН ОДБОР

Член  18

Надзорниот одбор се грижи за правилноста на финансирањето и материјалното работење на Партијата меѓу два конгреса за што извештај поднесува на Конгресот.

Надзорниот одбор од својот состав избира претседател на Одборот.

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

Член  19

Републичкиот на предлог на претседателот избира претседателство. Во него по функција влегуваат претседателот, потпретседателите, генералниот секретар, извршните секретари, претседателот на Градската организација, претседателот на МСМ, претседателот на Форум на жени, портпарол на партијата и други личности.

Претседателот ги свикува седниците и раководи со претседателството, а кога е спречен определува лице од редовите на претседателството кое ќе раководи со него.

Претседателството ги следи дневно-политичките настани и состојби внатре во партијата, превзема оперативни активности за унапредување на работата на партијата, работи оперативно на спроведување на одлуките на повисоките органи.

Ги следи дневно-политичките и економски состојби во државата и гради активен однос спрема нив, односно завзема ставови кои ги соопштува на јавноста.

Темелно ги подготвува седниците на Републичкиот одбор.

Назначува координатори на СПМ по изборни единици.

Разгледува и одлучува за тековни прашања, како што се учество на разни состаноци, симпозиуми, конгреси, меѓународни контакти и сл.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СПМ

Член  20

Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија е истовремено и претседател на Републичкиот одбор и на Претседателството.

Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија ја претставува организацијата, ги свикува седниците на Републичкиот одбор, и на други органи и тела, покренува расправа за одредени прашања од делокругот на работата на Републичкиот одбор, се грижи за донесување и остварување на одлуките и заклучоците што ги донесува Републичкиот одбор.

Претседателот на Партијата може да свика седница на други органи и тела во Партијата, како посебно овластување доколку затаи нивната активност, или нивната работа е спротивна на програмата и Статутот на Социјалистичката партија на Македонија.

ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ

Член  21

Потпретседателите на Социјалистичката партија на Македонија истовремено се и потпретседатели на Републичкиот одбор.

Потпретседателите на СПМ му помагаат во работата на претседателот, го заменуваат во негово отсуство и ги вршат работите што ќе им ги довери претседателот и Републичкиот одбор.

ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР

Член  22

Генералниот секретар на републичкиот одбор го застапува Републичкиот одбор во имотно-правните работи; обезбедува извршување на Програмата, одлуките и заклучоците на Републичкиот одбор; се грижи за наменско трошење на средствата; одговара за материјално-финансиското работење. Во соработка со претседателот ги подготвува седниците на Републичкиот одбор; ја потпишува работната документација на Републичкиот одбор.

ИЗВРШЕН СЕКРЕТАР

Член 23

Извршните секретари најнепосредно работат на подготвување на материјали за седници на органите. Заедно со Генералниот секретар се грижат за извршување на одлуките на органите. Ја координира работата на комисиите. Секојдневно комуницираат со општинските и месните организации, даваат напатствија за работа во базата, учествуваат во работата на органите на општинските организации и се грижат за целокупното функционирање на Партијата.

ПОРТПАРОЛ

Член 24

Портпаролот преку средствата за јавно информирање ги сооштува ставовите и гледањата на Партијата за актуелните прашања и проблеми што се јавуваат во државата и за работата на Партијата.

СОВЕТ НА СПМ

Член  25

Републичкиот одбор со посебна одлука, може да формира Совет на СПМ, составен од истакнати научни, културни и јавни работници и активисти.

Основна задача на Советот е да помага во заземањето ставови на органите на СПМ за прашањата од стратешка важност за Републиката и за Партијата.

Со работата на Советот раководи претседател што го избира републичкиот одбор на СПМ.

Мандатот на претседателот и на членовите на Советот трае четири години со право на повторен избор.

МЛАДИ СОЦИЈАЛИСТИ

Член  26

Социјалистичката партија на Македонија формира подмладок – Млади социјалисти на сите нивоа на организирање. Младите социјалисти своето работење го регулираат со посебни акти.

Претседателот на Млади социјалисти по функција е член на Републичкиот одбор и на Претседателството на СПМ. Членовите на Претседателството на Младите социјалисти по функција се членови на Републичкиот одбор на СПМ.

ФОРУМ НА ЖЕНИ НА СПМ

Член 27

Жените социјалисти се организираат во Форум на жени на СПМ на сите нивоа на организирање. Форумот расправа за прашања важни и специфични за положбата на жените во општеството.

Претседателот на Форумот на жени по функција е член на Републичкиот одбор и Претседателството на СПМ. Секретарот по функција е член на Републичкиот одбор.

МЕСНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Член  28

Највисок орган на Месната организација на Партијата е Собирот на членовите.

Собирот на членовите на подрачјето на Месната организација избира Одбор на Месната организација, претседател и Надзорен одбор.

Одборот на Месната организација од својот состав избира секретар и благајник.

Член  29

Највисок орган на општинската организација на Партијата е Изборното собрание што го сочинуваат претставници на Месните организации од подрачјето во општината.

Изборното собрание избира Општински одбор, претседател, потпретседател и секретар.

Општинскиот одбор од својот состав избира Претседателство. Во Претседателството по функција влегуваа претседателот, потпретседателот и секретарот.

Член  30

Општинските организации на СПМ во рамките на Изборната единица формираат посебно координативно тело заради координирање на сите активности во врска со Парламентарните избори. Координаторите ги избира Претседателството на СПМ.

ГРАДСКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА СПМ

Член  31

Највисок орган на Градската организација на Партијата е Изборното собрание што го сочинуваат претставници на општинските одбори на Социјалистичката партија на Македонија од Скопје.

Изборното собрание избира Градски одбор, претседател на Градската организација и Надзорен одбор.

Градскиот одбор од својот состав избира Претседателство и секретар на Градскиот одбор.

Градскиот одбор може да избере и потпретседатели на Градската организација, доколку усвои одлука за тоа.

Член  32

Општинските и Градската организација се организираат и работат согласно организационата поставеност и работа на Републичкиот одбор.

Член  33

Согласно статутот со свои акти, органите на СПМ поблиску ја утврдуваат својата внатрешна организација, начинот на конституирање, бројот и составот на органите и телата и нивниот делокруг на работа, како и правата и должностите на носителите на најодговорните функции во Партијата.

Член  34

Членовите на Социјалистичката партија на Македонија избрани во органите на власта се должни да ги застапуваат определбите и политиката на Партијата.

МАНДАТ, ИЗБОРИ И НАЧИН НА УСВОЈУВАЊЕ НА ОДЛУКИ

Член  35

Мандатот на органите и на носителите на индивидуалните функции во Партијата на сите нивоа на организирање трае 4 години.

Член  36

Изборот на органи на Социјалистичката партија на Македонија и за носители на индивидуалните функции се врши со тајно гласање.

Член  37

Изборот за членови на органите и за носители на индивидуалните функции во организациите на Партијата се вршат ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови на органот што го врши изборот.

За избран се смета кандидатот за кого гласале мнозинството од притусните членови на органот.

Ако изборот се врши од повеќе кандидати, за избран се смета кандидатот кој добил најмногу гласови, но не помалку од мнозинството на присутните членови на органот.

За изборот и разрешувањето на членови на органите, на претседателот и другите функционери во Партијата, Републичкиот одбор на СПМ утврдува посебно упатство за постапката.

– постапката за избор за претсетадел и другите раководни функции во Партијата, мора да обезбеди еднакви можности на сите членови на Партијата.

Член  38

Постапка за разрешување на членови на органите, претседателот, потпретседателите и други функционери во СПМ меѓу два конгреса можат да покренат:

– Претседателството на СПМ;

– Републичкиот одбор на барање на мнозинството на членовтие;

– на барање на повеќе од половината на општинските организации и Градската организација на СПМ;

Предлагачите се должни да ги образложат причините за барањето за покренување на постапката за разрешување на претседателот и другите функционери во Партијата.

Член  39

Органите на СПМ можат да одлучуваат доколку се присутни повеќе од половината нивни членови, а одлуките се сметаат за донесени ако за нив гласале мнозинството од присутните членови.

ИНФОРМИРАЊЕ

Член  40

Органите на Социјалистичката партија на Македонија за својата работа редовно го информира членството и за таа цел изградува систем за меѓусебно информирање и комуницирање.

Социјалистичката партија на Македонија може да основа свое информативно гласило.

Работата на партијата и нејзините органи е јавна.

ИМЕ, ЗНАК – СИМБОЛ И СЕДИШТЕ НА

СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Член  41

Име на партијата: Социјалистичка партија на Македонија

Знакот – симболот на Социјалистичката партија на Македонија е стилизирана ружа во вид на 3 (три) ромбоиди на црвена основа, што ја симболизира народната традиција во творештвото, во средината се оцртува ѕвезда петокрака – симбол на слободата, а во неговиот горен дел во полукругот се поставени седум ѕвезди што ја симболизираат Европската ориентација на Партијата.

Партијата има свој печат и штембил. Печатот е округли и гласи: “Социјалистичка партија на Македонија – Скопје”, а во него знакот на Партијата. Штембилот е четвртаст и во него пишува: “Социјалистичка партија на Македонија”; одоздола дата, месец и година, по тоа број на актот и под тоа стои Скопје.

Седиштето на Партијата е во Скопје: ул.”11 Октомври” бр.17.

Знамето на Партијата е црвено во кое е втиснат симболот на Партијата.

ФИНАНСИРАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНА ОСНОВА

Член  42

Средствата за својата активност Социјалистичката партија на Македонија ги обезбедува од:

  • членарина;
  • од Републичкиот буџет;
  • прилози на физички и правни лица;
  • приходи од стопанисување со партискиот недвижен имот.

СПМ на крајот од годината прави завршна сметка за финансиското работење која ја усвојува на седница на Претседателството.

Член 43

Социјалистичката партија на Македонија е правно лице.

Партијата има свој имот со кој располага и управува во согласност со законот.

Со имотот на Партијата управуваат одборите на соодветните организации.

Заради извршување на стручни, административни и други работи Партијата основа стручна служба, за што одлука донесува Републичкиот одбор на Социјалистичката партија на Македонија.

ПРАТЕНИЦИ, СОВЕТНИЦИ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ИЗБРАНИ ОД  СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Член  44

Пратениците, советниците и градоначалниците избрани од Социјалистичката партија на Македонија имаат еднакви права и должности како и членовите на Републичкиот одбор, односно Општинскиот одбор и Градскиот одбор на СПМ.

Избраните пратеници во Собранието на Република Македонија и избраните советници и градоначалник на град Скопје и на општините од Социјалистичката партија на Македонија, заради координирање на сопствената работа формираат пратенички и советнички групи.

Членовите на пратеничките и советничките групи од своите редови избираат раководители на нивните групи.

Пратеничката група дејствува во согласност со Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија и во согласност со Програмата и Статутот на Партијата.

Раководителите на пратеничката група, на советничките групи и градоначалниците се должни редовно да го информираат Републичкиот одбор, односно Градскиот одбор и Општинските одбори на Партијата за нивната работа, и за сите значајни прашања да се консултираат со соодветните органи на Партијата.

Ако пратеникот, односно советникот избран од пропорционалната листа од редовите на СПМ работи спротивно на Програмата и Статутот на Партијата или ако во текот на мандатот помине во друга партија, соодветните органи (одбори) можат да го исклучат од членството во Партијата и да покренат постапка утврдена со закон за негово отповикување.

ОПШТИ АКТИ НА СПМ СЕ:

– Статут;

– Деловник на Конгресот;

– Деловник на Републичкиот одбор;

– Деловник на Претседателство;

– Правилник за одговорност на членовите;

– Правилник за организација и систематизација на работните места во службата на Партијата;

– Правилник за постапка и утврдување на листата на кандидати за пратеници и одборници;

– Правилник за организација и работа на општинските и месните организации на Партијата;

– Правилник за работа на пратеничката група;

– Други акти.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член  45

Органите на СПМ се должни да ги усогласат со овој Статут актите на организациите, најдолго една година од денот на усвојувањето на овој Статут.

Член  46

Социјалистичката партија на Македонија е правен наследник на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија.

Имотот на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија и работните заедници на органите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија преминуваат во надлежност на Социјалистичката партија на Македонија.

Член  47

Одлука за престанок на работата на Партијата донесува Конгресот. Таквата Одлука може да биде донесена во случај на обединување со друга партија или намалување на членовите под 500 члена.

Лицето што ја застапува Партијата е должно во рок од 15 дена да го информира надлежниот суд за Одлуката за престанок на работата на Партијата.

Во служај на престанок на Социјалистичката партија на Македонија, имотот со кој располага преминува во надлежност на организирање – Сојуз, лев блок и сл. Доколку тоа не е случај имотот преминува во сопственост на државата.

Член 48

Измени и дополнувања на Статутот на Партијата се врши како и при неговото донесување и на начин определен со член 15, став 4 од овој Статут.

Член  49

Овој Статут стапува во сила со денот на неговото усвојување.

СОЦИЈАЛИСТИЧКА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА