Градејќи ги своите визии врз историските корени на соци­јалистичката мисла во Македонија, идеите на Главинов, Делчев, Карев,  и на други бројни носители на прогресивните идеи, кои врз слободарските традиции изразени во Карпошевото, Разловеч-кото, Кресненското и Илинденското востание, Нароноослободи-телната и антифашистичка војна и државно-правното наследство на АСНОМ;

ценејќи ги темелните придобивки во процесот на осамосто­јување на Република Македонија по мирољубив пат како основа за иднината на народот и државата;

почитувајќи ги принципите на Социјалистичката интерна­ционала за слобода, правда и солидарност;

користејќи ги современите искуствата на европските соци­јалистички партии;

потпирајќи се на изразената волја и интересите на членството и на симпатизерите на Партијата;

со цел понепосредно да се определат програмските насоки и приоритети на Партијата во тамошниот сеопшт ефикасен развој на Република Македонија и нејзината интеграција како респекти­ран субјект во Европа и во светот;

Третиот конгрес на Социјалистичката партија на Македонија ја донесува следната

ПОЛИТИЧКА   ПРОГРАМА ТЕМЕЛНИ  ОПРЕДЕЛБИ  И  ЦЕЛИ  НА  СПМ

Социјалистичката партија на Македонија е политичка пар­тија со демократска социјалистичка ориентација чии основни про­грамски определби се: изградба на економско, социјално, правно и хумано општество, во кое човекот е најголемата вредност. Тоа е визијата што ја споделуваме со европските социјалисти во бор­бата за изградба на демократски социјализам во Европа без граници. Им припаѓаме на социјалистите и на европската левица не само затоа што тие се вбројуваат меѓу најзначајните политички субјекти во развиените земји туку и затоа што сме уверени во иднината на социјалистичкото хуманистичко движење чии прогре­сивни заложби се: мирот, слободата и демократијата, заемното почитување, рамноправноста, толеранцијата, социјалната правда и солидарноста меѓу луѓето и народите.

Во функција на остварување на своите програмски опре­делби, СПМ самостојно или во коалиција со други политички пар­тии со слични програмски определби, преку легални и демократ­ски средства ќе се бори за освојување на власта. СПМ преку своите претставници во Парламентот ќе дава конструктивен при­донес во предлагањето и донесувањето на законските проекти, ќе врши демократска ефикасна контрола врз извршната власт, и ќе влијае врз формирањето на јавното мислење.

Основна цел на СПМ е секој граѓанин да ги развива своите творечки способности и побогато да го живее својот живот со почитување на сите граѓански права.

Наоѓајќи трајно извориште во волјата на граѓаните на Маке­донија изразена на Ре -ферендумот од 8 септември 1991 година, СПМ е решителна во борбата, самостојна и суверена Република Македонија да се развива како рамноправен економски, политички и социјален субјект на Балканот, во Европа и во светот.

Социјалистичката партија на Македонија како самостојна политичка партија е отворена за сите граѓани со социјалистичка ориентација кои ги обединува заедничката цел – изградба на демократ­ско граѓанско општество, засновано на економска и политичка слобода и демократија на рамноправноста меѓу маке­донскиот народ и народностите (малцинствата) што живеат во Репуб­лика Макеоднија и социјална сигурност и солидарност, како и определбата за забрзан економски и општествен развој. На овие основи СПМ ја засновува и својата програма за економски, соци­јален, здравствен, еколошки, образовен и културен развој карак­теристичен за социјалната држава каква што е концепирана во нашиот устав.

Социјалистичката партија на Македонија не е елитистичка партија, туку партија која ги застапува интересите на најшироките слоеви на општеството. Таа го почитува само трудот и креатив­носта на поединецот, а сразмерно на тоа и нивниот материјален статус, односно наградување. За СПМ туѓи се појавите на на­силничко и незаконско однесување во борбата за остварување на што поголем профит, по цена да се газат човековите права и достоинства.

Својата политичка и социјална основа Социјалистичката партија на Македонија ја наоѓа кај сите граѓани, особено кај сред­ните и посиромашните слоеви (работниците, земјоделците, ин­телегенцијата, и сл), без оглед на нивната национална и верска определеност, социјален статус и образование. СПМ исто така е отворена за соработка со сите политички партии и невладини ор­ганизации кои ги прифаќаат овие заложби и се борат за нивно остварување.

Цел на СПМ е и што поскорешно влегување во Соција­листичката интернационала како нејзин рамноправен член, за што има поднесено барање уште во 1994 година.

МАКЕДОНИЈА, ДРЖАВА  НА РАМНОПРАВНИ ГРАѓАНИ

СПМ со сите расположиви демократски средства ќе го раз­вива граѓанскиот коцепт на државното уредување на Република Македонија,ќе опстојува на унитарноста на Македонската држава, и врз тие основи ќе ја брани нејзината сувереност, самостојност и стабилност таа да биде неспорен демократски субјект на Балка­нот, во Европа и во светот.

Иднината што СПМ ќе ја гради ќе биде без идеолошки исклучивости, без верски и национални поделби, балкански кон­фликти и без нетрпеливост кај луѓето. За социјалистите сите луѓе се еднакви и сите народи се рамноправни. Социјалистите веруваат во човечката солидарност, во поврзувањето меѓу луѓето, мирен живот и прогрес со негување на меѓусебното почитување на меѓуетничките односи и толеранција на македонскиот народ со националностите (малцинствата) што живеат на овој простор. Појавите на чиј било национализам и шовинизам за социјалистите е големо зло. Македонија е заедничка татковина на македонскиот народ и на националностите (малцинствата) кои живеат во РМ согласно Уставот. СПМ за сите нив ќе гради односи на меѓусебно почитување и разбирање.

Европа без граници е визија кон која СПМ ќе се стреми. СПМ ќе ги развива економските, политичките, културните, научните и образовните и други врски со сите земји кои мирот, слободата и рамноправноста ги прифаќаат како цивилизациска вредност. Во рамките на оваа визија, СПМ го гледа духовното и културно обединување по мирен и цивилизиран пат на Македонците без оглед каде и да живеат.

ЗА  ДЕМОКРАТСКИ  РАЗВОЈ И РАЗВОЈОТ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ

СПМ е цврсто определена за постојано ширење на границите на слободите и правата на граѓаните, и доследно почитување на начелото на еднаквост на сите граѓани пред законот. Правото на заштита на физичкиот и моралниот интегритет на секој граѓанин, правото секој слободно да мисли и да говори. Ќе ја шири демок­ратската основа на власта и ќе ги изразува интересите на граѓанинот како основен политички субјект. Ќе ги унапредува формите на непосредно изјаснување на граѓанинот како носител на суверенитетот на власта. Во функција на тоа, преку изграду­вање на механизмите за доследно спроведување на контрола над власта и воспоставување на развиени врски меѓу демократски из­браните претставници и граѓаните, ќе се спротивставува на сите облици на кршење на човековите права и слободи, особено на злоупотребата на власта за разни притисоци, уцени, сеење  страв меѓу граѓаните, се со цел преку мито, корупција и организиран криминал да се стекнуваат привилегии и богатства надвор од законски утврдените норми.

СПМ и развојот на политичкиот систем

СПМ чувствувајќи го својот долг кон претходниците на социјалистичко-хуманистич-ките идеи во Македонија, ќе продолжи да ги негува и да ги развива тие идеи врз основите на современите искуства и придобивки на европските социјалисти во развиените земји. Основа за развојот на политичкиот систем е политичкиот плурализам, заснован врз уставното уредување на нашата земја како граѓански со парламентарна демократија во која македонскиот народ е носител на државноста и од кој концепт нема да отстапува. Секое отстапување од овој концепт, според СПМ, води кон кантонизација и федерализација со тенденција за сецесија на делови од земјата. СПМ како носител или учесник во власта ќе изгради системски механизми за заштита на македонскиот национален идентитет, на неговите интереси, интересите на државата и непроменливоста на границите и истите ќе ги афирмира во светот.

Од политичкиот плурализам и заштитата на македонските национални и државни интереси ќе произлегуваат сите форми и модели во градењето на македонското демократско општество и политичкиот систем во кој доминантно место ќе има развојот на социјалната политика и пазарната економија. Во тие процеси на моделирање на политичкиот систем, повеќе отколку што дозволуваат европските и светските стандарди во заштита на националностите (малцинствата), ќе се грижи за развивање на нивните културни, обичајни, верски и други вредности во државата.

Во развојот на политичкиот систем СПМ ќе вградува такви законски норми со кои нема да дозволи партиските интереси да се стават над државните и над националните, односно над интересите на сите граѓани во земјата. Во таа насока, особено внимание ќе посвети во спречувањето на создавање партиска држава како закана за демократијата во Македонија и класичен вовед во тоталитарна држава. Такви појави СПМ никогаш нема да прифати и со сите расположиви демократски средства ќе се бори ваквите појави благовремено да се спречат. СПМ во системот ќе вгради такви механизми кои ќе овозможат и во услови на парламентарна и владина криза другите институции на системот да можат нормално да функционираат, особено државната администрација и службите на сите нивоа во Република Македонија.

Во градењето и развивањето на институциите на системот СПМ ќе ги ангажира нај-креативните и стручно способните кадри во државата кои се спремни независно од нивните партиски определби да го имплементираат својот граѓански долг во општествениот живот на земјата.

Слобода на политичкото здружување и политички плурализам

СПМ во практикувањето на власта, ќе овозможува демократска конкуренција на различните програми, идеи и иницијативи, почитувајќи ги нормите на добро политичко однесување и политичката култура во дијалогот. Ќе биде против секаков политички монопол, идеолошки ограничувања и наметнувања на политичко едноумие. Таа во политичкиот систем ќе ги вградува сите демократски потврдени вредности на повеќепартискиот систем, задржувајќи ги, притоа, веќе афирмираните облици на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето (референдум, собири на граѓани, народни иницијативи и слично).

Слободно организирање и здружување на граѓаните

СПМ ќе го стимулира доброволното здружување на граѓаните во разни невладини и непрофитабилни организации и низ разни облици на организирање да се изразуваат, согласно нивните потреби и интереси. Ќе им дава силна политичка и материјална поддршка на нивните програми кои ќе бидат од посебен општествен интерес за Македонија.

За право на вероисповед, а против верска исклучивост и нетрпеливост

СПМ ќе ја гарантира слободата на вероисповед, ќе се придржуваме на принципот на самостојноста на верските заедници и ќе ги гарантира нивните права на сопствен имот, верска поука, верски училишта и сите други права кои ќе овозможуваат слободно изразување на правото на вероисповед.

Ќе ја поддржува автокефалноста на Македонската православна црква во оства-рувањето на нејзината улога и придонес за опстојување и културно и духовно обединување на македонскиот народ во дијаспората.

Рамноправност и заеднички живот на македонскиот народ и на националностите (малцинствата) кои живеат во Република Македонија

Социјалистичката партија на Македонија ќе ги негува и ќе ги продлабочува традициите на заеднички живот на македонскиот народ со националностите (малцинствата) кои живеат во Република Македонија врз основа на меѓународните стандарди и повеќе од тоа.

Сите граѓани на Македонија без оглед на нивната верска и етничка припадност ќе имаат еднакви права и должности. Нема да дозволиме ниеден граѓанин на Република Македонија, особено заради својата национална, етничка и верска припадност да се чувствува загрозен на кој и да е дел на Република Македонија.

СПМ енергично ќе ги спречи сите процеси чија суштина е дезинтеграција и загрозување на територијалниот интегритет на Република Македонија.

ДЕМОКРАТСКА И ЕФИКАСНА ВЛАСТ – НО САМО СО УЧЕСТВО НА СПМ

Крајната цел на Социјалистичката партија на Македонија е освојување на власта во која ќе настојува да ги инволвира сите креативни потенцијали во Република Македонија, но со јасна издеференцирана државничка одговорност. СПМ располага со таков кадровски потенцијал кој е стручно подготвен со изразити организациони способности, комуникативност и креативност во остварување на обврските кои произлегуваат од задачите за успешното функционирање на власта  и администрацијата во државата.

Социјалистичката партија на Македонија доследно ќе ги развива независноста на законодавната, извршната и судската власт.

СПМ како претпоставка за успешно функционирање на парламентарната демократија ги смета демократските и фер-избори на пратениците на Парламентот. Во таа смисла, ќе изгради таква законска регулатива што ќе го обезбеди фер и демократски избори.

СПМ ќе развива рационална и ефикасна извршна власт која доследно ќе ги спроведува законите и брзо ќе реагира со конкретни мерки за разрешување на економските и на другите животни прашања и проблеми. Во рамките на таа и таква извршна власт СПМ ќе ја развива и државната управа која целосно ќе одговара на барањата на реформите на економскиот и на политичкиот систем и за поедноставување во постапката за остварување на правата и интересите на граѓаните.

СПМ решително се определува за доследно остварување на власта и почитување на правниот систем подеднакво на целата територија на државата.

СПМ смета дека државата во никој случај не треба да се идентификува со партијата на власт. Колку и да е нивната работа испреплетена и меѓусебно зависна треба да се има предвид дека во државата функционира повеќепартиски законодавен парламент, влада, со своите институции-министерства, и државно-стручен апарат кој ја спроведува политиката што ја креира партијата на власт врз основа на воспоставени меѓусебни правила и компетенции. Само во така изградени меѓусебни односи во кои се разграничени компетенциите, државата со својот државен професионален апарат е таа која во определени владини кризи продолжува непречено да функционира. Во таа смисла, кадровските промени во министерствата и другите државни и владини институции ќе ги лимитира од министер до помошник, а се друго ќе го подведе по критериумот конкурс за секое слободно работно место. Со други зборови, државата со сите свои институции (политичко-извршен, законодавен и административен апарат) ќе биде сервис, односно само продолжена рака за реализација на интересите на граѓаните, имплементирајќи ги современите процеси и демократски принципи и искуства од развиен свет во сопственото законодавство.

Сопствени вооружени сили во одбрана на РМ

Основа за одбрана на Република Македонија се сопствените вооружени сили како единствен и современ систем во функција на заштита на интегритетот, суверенитетот и независноста на земјата. Нејзиното опремување и оспособување за ефикасно дејствување СПМ го гледа во вклучувањето на Република Македонија во северно-атлантските  одбрамбени структури. Со Армијата на РМ ќе раководи претседателот на државата како врховен командант и министер – цивилно лице чије основна задача ќе биде водење грижа за нејзин современ развој, и Генералштаб чија основна задача ќе биде стручното усовршување и обучување за успешно извршување на одбранбените задачи.

Министерот за одбрана задолжително ќе се избира во договор меѓу претседателот на државата и мандаторот-премиерот. По истиот принцип ќе се избира и министерот за внатрешни работи. Таа координација меѓу претседателот и премиерот, без разлика на нивните политички убедувања мора да се сведе на националните и државните интереси.

Правна држава и независно судство

Само Уставот и законите можат да бидат извор на права, обврски и овластувања. СПМ ќе гради држава во која ќе владее правото, држава без самоволие и нееднаквост на луѓето пред законот. Тоа ќе го гарантираат демократските институции на правната држа-ва, посебно независното судство. Секое мешање на која било друга независна власт во независноста на судството и непристрасното судско одлучување е недопустливо и е директна атака врз Уставот и нарушување на тројната поделба на власта, што доведува до супремација на законодавната или извршната над судската власт. За остварување на потполно независно судство од битно значење е изборот на судиите и постоењето на посебен судски буџет. Во таа смисла, СПМ ќе ги користи сите европски искуства и ќе изгради соодветна законска регулатива што ќе го обезбеди тоа. СПМ ќе изгради достоиствен статус на судиите и нивни избор исклучиво врз основа на објективизирани критериуми за стручноста и моралните квалитети, особено без партиски влијанија.

Развој на локалната самоуправа

СПМ посебно внимание ќе посветува на развојот на локалната самоуправа како посебен непосреден интерес на граѓаните во кои се решаваат нивните потреби и барања за обезбедување на поквалитетен живот. Тоа особено се однесува во заштитата на жи- вотната средина, урбанизацијата, здравствената, социјалната и детската заштита, образованието, културата, спортот и сл. Целокупната законска регулатива за функционирањето на локалната самоуправа СПМ ќе ја прилагоди таа да биде во духот на барањата на Европската повелба за локалната самоуправа во која ќе се постават јасни односи и надлежности меѓу  неа и органите на власта.

НАДВОРЕШНА  ПОЛИТИКА

СПМ е за продолжување на курсот на принципиелната надворешна политика на Република Македонија, која резултираше со стекнувањето независност по мирен пат и нејзин прием во Организацијата на обединетите нации.

Цврсто сме определени за развој на меѓународната соработка на Република Македонија, врз принципите на мирот, на рамноправноста и на меѓусебното почитување.

Цврсто сме определени за целосна вклученост на нашата земја во европските интеграциони процеси и во системите на колективна безбедност во Европа и во светот, прифаќајќи ги стандардите што од нас ги бира Европската унија и НАТО.

И натаму ќе придонесуваме за градењето конструктивна надворешна политика на нашата држава во напорите за создавање стабилен мир на Балканот, во Европа и во светот. СПМ со сите средства ќе се бори против секој обид за насилно менување на границите на Балканот. Таквите обиди можат да бидат вовед во нови балкански конфликти и војни.

Воспоставувањето сестрани и цврсти врски со сите соседни земји и слободната циркулација на луѓе, идеи, стоки и капитал на Балканот го сметаме за императив, без кој не е можен напредок на регионот и на секоја земја одделно.

Во целокупната комуникација и соработка, СПМ енергично ќе ги штити македонските национални интереси. Особено енергично ќе застане во одбрана на нејзиното име.

Партијата е определена за постојано продлабочување и развивање на врските со македонските иселеници и граѓани кои живеат во странство и оневозможување на сите видови политички притисоци врз македонските иселенички заедници, особено нивно партизирање од тесни политички интереси, наспроти националните.

Добрососедски односи и остварување на правата на македонците во соседните земји

Социјалистичката партија на Македонија се залага Балканот да биде отворен економски и културен простор, со остварување на добрососедски односи, врз принципите на меѓусебно уважување, рамноправност и со реципроцитет за признавање на правата на македонците во соседните земји. НАТО инсистира преку билатералните и мултилатералните контакти, преку органите на Обединетите нации и сите други форми на меѓународна соработка. Врз таа основа, СПМ ќе се залага за отвореност на границите на Балканот и за слободно движење на луѓето, на материјалните и на културните богатства и ќе бара решавање на отворените прашања со соседните земји од областа на имотно-правните односи, либерализација на визно-пасошкиот режим, како и унапредување на малограничниот промет.

СПМ решително ќе се спротивставува на сите посегања кон историското минато и кон сегашноста на македонскот народ и негирањето на неговата самобитност.

Трајни врски со иселениците од Македонија и граѓаните на работа во странство

Социјалистичката партија на Македонија е определена за проширување и за продлабочување на врските со иселениците од Македонија на економски, културен, научен и друг план и за проширување на сите видови соработка, пријателски односи и разбирање со земјите во кои тие живеат и создаваат. СПМ ќе дава континуирана и целосна поддршка во нивните настојувања за зачувување на националниот идентитет низ облиците на нивното самоорганизирање, негување на националната култура, традиции и образование и постојано изнаоѓање на нови непосредни врски со местата од каде што потекнуваат и со татковината во целост.

Достигнувањата во културата и во творештвото на Македонците, без оглед на местото на живеење, СПМ ги цени како придонес и составен дел на заедничката македонска културна ризница.

ЕКОНОМИЈАТА – ВРВЕН ПРИОРИТЕТ ВО РЕШАВАЊЕТО НА ЖИВОТНИТЕ ПРОБЛЕМИ

СПМ е загрижена за влошената екномска положба на граѓанинот, кој се потешко ги решава проблемите предизвикани од падот на животниот стандард. Товарот на транзицијата најмногу го погоди граѓанинот, и затоа СПМ инсистира како врвен приоритет да се одреди и подржи економскиот развој.

Застојот во спроведувањето на економските и на другите општествените реформи, неликвидноста и презадолженоста на стопанството, стагнацијата во развојот и опаѓањето на ефикасноста, како и некористењето на развојните фактори ја влошуваат целокупната положба и угледот на земјата во светот и ги намалуваат можностите за нејзиното брзо интегрирање во Европската унија и во другите меѓународни организации и институции.СПМ со преземање, или со нејзино учество во власта, е способна да ги мобилизира сите човечки и материјални потенцијали со кои располага државата и да ги стави во функција на оживување на стопанството, остварување на реформите и развојот на земјата. СПМ е цврсто уверена дека со креирање на нова макроекономска политика за интензивирање на развојот ќе се обезбеди економски и политички амбиент за креативност, иницијативност и мобилност на сите човечки способности за искористување на материјалните ресурси и капацитети со кои располага Република Македонија. Во таа функција СПМ како левоориентирана партија со внимание ги следи процесите и ќе ги имплементира сознанијата и ориентацијата на социјалистичките и на социјалдемократските партии во Европа.

Поаѓајќи од сите досегашни сознаења и искуства, СПМ се определува за следните стратешки правци во економскиот развој.

Нова развојна стратегија во услови на пазарно стопанисување

Социјалистичката партија на Македонија се определува за пазарна економија, како реална основа за развојот на современите производствени сили, за создавање на еднакви услови на конкуренција, за приватна сопственост, за слободно движење на стоките, капиталот, работната сила и знаењето, за економски цени на факторите на производството и развојот и за пазарна самостојност во одлучувањето и дејствувањето на стопанските субјекти.

Поаѓајќи од природните компаративни предности (земјоделие, рударство и други природни богатства), како и од стекнатите компаративни предности, работно-производствени капацитети, научни достигнувања, стручна работна сила и знаење, СПМ ќе изгради нова развојна стратегија на Република Македонија која ќе даде одговор, во интегралниот развој на Македонија, за приоритетните производствено-технолошки, образовно-научни, социјално-демографски, културни и други цивилизациски прашања, низ кои ќе се согледа перспективното место на Македонија, во интегралните процеси на Европа.

Новата развојна стратегија ќе биде насочена кон:

  1. Развивање на механизми и пазарни институции кои ќе го оневозможат нелегалното, неконтролираното и економски неоправданото прелевање на општествената сопственост во приватна сопственост; и сите видови на грабеж во економското однесување.
  2. Зголемување на производството врз основа на ревитализација на постојните технологии, изградба на нови капацитети во пропулзивните развојни сектори, зголемување на ефикасноста и на организираноста, воведување стимулативни форми на менаџерството и јакнење на економската мотивација за проширување на материјалната основа на трудот во стопанството;
  3. Решавање на невработеноста што произлегува од пазарната економија и обезбедување материјална егзистенција на оние делови од населението кои по овој основ останале без работа и нивна стручна преквалификација за нови занимања;

– систем на мерки за спречување на одливот на научниот и на високостручниот млад кадар во странство и негово продуктивно вработување во Република Македонија;

  1. Зголемување на вработеноста врз искористување на сите можности кои ги отвора пазарната економија, со посебен акцент на мали и на средни претпријатија.
  2. Производствено преструктуирање врз нови инвестиции за што е неопходен нов систем на стимулативни мерки за привлекување странски инвестиции и враќање на довербата во домашното штедење.
  3. Создавање услови за освојување нови пазари од страна на извозно ориентираните претпријатија и вклучување на македонското стопанство во меѓународната поделба на трудот.
  4. Технолошки развој кој ќе се потпира врз развојот на научно-истражувачката дејност и иновациите за што е неопходно да се создаваат системски услови за интензивен развој на науката и знаењето, можности за афирмација на креативните кадри во производството и пошироко во општеството;
  5. Широка примена на информатиката и микросметачката технологија заради унапредување на сите постојни стопански гранки во комуникациите, менаџментот, организацијата и вкупната ефикасност.
  6. Нова политика за порамномерен развој на Македонија која значи напуштање на нејзиниот досегашен третман како суровиснко-енергетски дел и свртување кон развојот на продуктивните сектори на стопанството за финална преработка на производите;
  7. Порамномерна разместеност на производствените сили во Македонија за искоренување на заостанатоста, особено во ридско-планинските подрачја, за нова просторна политика која ќе се темели врз економска валоризација на развојните потенцијали за производствена еколошка рамнотежа во сите делови на Македонија како интегрален развоен простор;

Во функција на овие цели, СПМ ќе создаде можности за:

– ориентација кон обновливи развојни ресурси за производство со помала суровинска и енергетска потрошувачка по единица производ, за интеграција на производствените програми и знаења како услов за поголем извозен пробив, за стимулирање на малите и на средните претпријатија, но и создавање на стабилни економски услови за развој на големите претпријатија;

– донесување на мерки против монополистичкото однесување на пазарот низ кој се врши неекономско прелевање на капиталот помеѓу региони, гранки и претпријатија;

– распределба на платите врз основа на фактички постигнати резултати во работата според  економските критериуми на пазарот на работната сила и утврденте мерила во општиот колективен договор;

– решенија против неоправданото заостанување на височината на платите во општествените дејности во однос на стопанството;

– растоварување на стопанските субјекти преку рационализација на јавната потрошувачка и преку проширување на пазарните односи во нестопанската сфера;

– санирање и јакнење на акционерската самостојност на банкарскиот систем, осовременување на финансискиот систем и спроведување на поголем степен финансиска дисциплина;

– нова фискална политика, оптимализација на буџетската потрошувачка на сите нивоа, намалување на режијата во стопанството и општествените дејности со максимално штедење и против секој вид расфрлање и злоупотреба во трошење на буџетските средства;

– отстранување на диспаритетите на цените кои го погодуваат развојот на суровинскиот комплекс и земјоделстовото.

СПМ е за пазарна економија, но и за одговорност на  титуларот на сопственоста

  1. СПМ цврсто стои на становиште дека не е пазарната економија причина за злото: корупција, криминал, мито, непотизам и слично, туку лошото практицирање на власта и моќта на бирократијата. За жал, денес овие зла влегоа во нашата земја. Инсталирањето на партиски кадри во стопанските и во сите други претпријатија од јавен интерес со цел да се задоволат партиските интереси без разлика на нивната стручност и компетентност, погодува на овие појави. СПМ смета, а и ќе работи на тоа, власта да биде настрана од стопанските претпријатија и нема да дозволи да се меша во нивното управување – тоа ќе го препушти на менаџерските тимови.
  2. СПМ преку законска регулатива ќе создаде амбиент за ефикасна работа, за претприемништво, за отворање нови пазари, амбиент за странски вложувања во земјата, за кредити со пониски камати и со други погодности што ќе овозможи започнување на нов развоен циклус. Во такви услови, СПМ особено ќе се грижи дали работникот ужива во резултатите од новиот развоен амбиент. СПМ, ќе ги штити интересите на работниците од злоупотребите на титуларот на сопственоста и од менаџерските тимови. Определувањето на минимум цена на трудот и учеството во поделбата на добивката ќе го следи напредокот на развојот.
  3. СПМ, всушност, ќе развива таква власт што ќе биде во функција на своевиден сервис на граѓаните и на стопанските субјекти. Ќе гради таква економска политика која ќе биде во функција на развојот и на интересите на производителите, но не и на штета на интересите на државата која треба да ги задоволува потребите на општествените дејности, СПМ тие интереси ќе ги усогласува до тој степен што ќе бидат реално прифатливи и за едните и за другите. Таа ќе го штити работникот без разлика во која сфера и да е вработен.
  4. СПМ нема да допушти државните фирми со монополски позиции практично да станат сопственост на партијата на власт, која, во секое време, може да најде за потребно да ги трансформира во определен сопственички однос според своите интереси. Таквите фирми можат неконтролирано да ги диктираат цените на корисниците за нивните услуги. Со други зборови, државната сопственост ќе биде заштитена со посебен закон кој нема да допушти партијата на власт да ги злоупотреби за свои цели. Тие се и треба да останат од наменско, капитално и стратешко значење во зачувување на суверенитетот на државата. Такви стопански објекти се ретките руди и богатства, енергетските постројки, ПТТ, сообраќајните комуникации и сл, кои, покрај пазарната вредност на монопол, ја содржат и националната сигурност на РМ.
  5. СПМ ќе донесе законска регулатива која ќе го стимулира трудот на македонските граѓани без разлика во која форма се изразува – индустриска, трговска, административна, интелектуална и слично, и без разлика на титуларот на сопственоста. Во законската регулатива ќе бидат вградени такви решенија што ќе го стимулираат титуларот за натамошно инвестирање во производството и во услужните дејности и што ќе овозможи нови вработувања, особено, на млади стручни кадри кои ја чекаат својата шанса.

СПМ и водењето на макроекономската политика

  1. СПМ смета дека македонското стопанство е преоптоварено со даноци и со придонеси за задоволување на јавната потрошувачка па, затоа, ќе донесе мерки за селективно намалување на овие зафаќања. Во функција на тоа се реформите во државната администрација, нејзиното техничко опремување и забрзување на реформите во другите општествени дејности кои се алиментираат со средства од буџетот на државата и со максимално штедење.
  2. СПМ поттикнувањето на влезот на странските инвестиции во Македонија ќе го обезбеди со намалување на административните процедури и со давање на погодности за пласман на капиталот и тоа такви поволности кои нема да ја загрозат рамноправноста со домашниот капитал. СПМ интензивно ќе работи врз создавањето на демократски и реформски амбиент во земјата и посебно на презентацијата на Македонија во странство.
  3. СПМ, ќе води политика на растеретување на стопанството од преголемата задолженост, преку изнаоѓање на ефикасни решенија во финансиската сфера.
  4. СПМ поаѓајќи од постојниот висок трговски дефицит на Република Македонија ќе се залага за политика за поттикнување на домашното производство во функција на зголемување на извозот. Мерките за стимулирање на извозот, ќе доведат до поголем прилив на девизи што е, пак, услов за обезбедување на суровини и на репроматеријали, со увозно потекло ефект врз зголемување на искористеноста на постојните капацитети. Поголемото искористување на капацитетите ќе бара и ангажирање на нова работна сила, со што ќе се решава и проблемот на невработеноста. Во мерките за остварување на оваа политика, СПМ ќе дава приоритет на производство кое е извозно ориентирано и трудоинтензивно и на производи и на технологија чија зависност од увозни суровини е најниска. Таквата политика ќе придонесе да се ублажи и дефицитот на платниот биланс кон странство.
  5. СПМ посебно внимание ќе му посвети на развојот на малите и на средните претпријатија, во кои ќе го поттикне домашното производство и услугите – во индустријата, сообраќајот, градежништвото, туризмот, земјоделството, сточарството, електростопанството, металургијата, рударството и во другите стопански гранки. СПМ ќе инсистира суровинската база, со која располага Република Македонија, да се преработува во финални производи, односно за повисока финализација на домашното производство.

Активирање на постојните капацитети

Во последните 50 години во Република Макеоднија се изградени значителни производствени капацитети, кои во транзициониот период, се доведени во тешка економска состојба.

СПМ оценува дека најлесно и најбрзо можат да се активираат капацитетите од лесната индустрија  или т.н. трудоинтензивни дејности (текстилната, чевларската, метало-преработувачката, прехрамбената и др.). Овие фабрики успешно работеа повеќе децении, беа прилагодени кон стандардите на европскиот пазар и располагаат со искуство и со стручен кадар. Поради кризата и отсуството на поттикнувачки економски мерки, веќе една деценија не се инвестира во овие капацитети. Со обезбедување на услови за минимални инвестиции за обртни и основни средства, во овие фабрики ќе се обезбеди набавка на посовремена опрема и отстранување на “тесните грла”, со што ќе дојде до зголемување на производството. Исто така, имајќи предвид дека располагаме со голем број производствени објекти, кои не се искористени, во нив може да се организира производство од ваков тип, инвестирајќи само во опрема, а сосема малку во инфраструктурата.

За таа цел, СПМ ќе донесе конкретна програма за заживување на постојните капацитети од лесната индустрија која е извозно ориентирана. Бидејќи заработувачката (профитот) во овие дејности е многу мала, вработените ќе бидат ослободени од прекумерните давачки кон државата.

СПМ посебно внимание ќе му посвети на активирањето и на развојот на преработувачките капацитети, односно на малите и средни фирми. Притоа се има предвид зголемување на пазарот со потпишување на спогодбите за безцаринска трговска соработка со повеќе земји. Во оваа смисла, СПМ со конкретни мерки и решенија ќе го обезбеди нивното брзо активирање и користење со тоа што, прво, ќе се активираат постојните капацитети, а потоа ќе се градат и нови, мали и средни, преработувачки капацитети.

Секој голем капацитет, кој денес стои неискористен, ќе биде предмет на посебна студија и за секој од нив ќе предложиме начин и форма за негово активирање. СПМ цени дека има потреба од ревитализација на овие производствени капацитети кои можат профитабилно и конкурентно да работат во пазарни услови на стопанисување со ослободување од прекумерни давачки, но и со финансиска, како и со организациона, технолошка и маркетиншка поддршка. Во најголем број случаи, во овие производни претпријатија доминантен е државниот капитал, односно капиталот на банките-доверители. Државата, односно, банките преку своите членови во управите, односно, преку санационите одбори на тие производствени претпријатија можат значително да помогнат во санација на тие претпријатија со вклучување на стручни и на компетентни кадри во изготвувањето и во имплементирањето на програми, со кои овие производствени претпријатија ќе се санираат и ќе се оспособат за успешно работење.

Поттикнување на земјоделското производство

  1. СПМ во развојот на земјоделството гледа голем потенцијал за излез од сегашната економска криза. Искуствата во високоразвиените земји покажуваат дека државата е таа која што треба глобално да го програмира, да го ориентира и со економски мерки да го поттикнува и да го гарантира откупот на производството на стратешките земјоделски производи. Напротив, кај нас транзициониот период предизвика негативни последици за земјоделското производство. Затвореноста на пазарите до овој период и незаштитеното домашно производство доведоа до осиромашување на земјоделците и до застарување на опремата. И покрај постоењето на преработувачки капацитети, ова производство се пласира и се извезува како суровини, од кои се обезбедува низок профит наместо да се финализира и да се продава како финален производ.
  2. Постојните политички најави и вербалната поддршка на земјоделството, мерките што се преземаат за поттикнување на земјоделското производство, се несистематски и неенергични. СПМ преку инвестиционо-кредитната политика најсериозно ќе се посвети на поттикнувањето на земјоделското производство и тоа да и биде врвен приоритет, бидејќи во оваа област наоѓа егзистенција голем дел од населението и да обезбеди производство на квалитетна храна како за домашниот, така и за странскиот пазар.
  3. Земјоделството, од непознати причини се уште плаќа скапи кредити. Поволните доделени кредити, по пласманот преку некои домашни банки, се претвораат во скапи и во нестимулативни извори на мошне потребните свежи пари. Наместо државата најпродуктивно да ги искористи овие средства за модернизација и за поттикнување на земјоделското производство, тие се користат како дополнителен извор за финансирање на повластените банкарски институции.

СПМ ќе бара овие средства да се доделуваат со рок на отплата од 20 години, со грејс-период од 3 години, и со камата не повисока од 4% годишно.

  1. СПМ максимално ќе се ангажира за созадавање на поволни услови за пласман на земјоделските производи на странските пазари, за обезбедување брзо преминување на границите, за кредитирање на транспортот, за сместување и за дистрибуција до потрошувачките центри и сл.
  2. Стимулирањето на производството на некои култури е од посебно значење за Република Македонија.

Големи се можностите за производство и за преработка на тутун, за што постојат веќе изградени преработувачки капацитети. СПМ енергично ќе работи ова производство да го задржи своето место и значење и ќе ги поддржи сите идеи и иницијативи за соработка и за поврзување со големите светски компании, особено, во сферата на финализацијата.

Неопходно е осовременување и механизирање на производството на ориз, со цел овој производ да стане конкурентен на светскиот пазар и да се доведе производството до повисок степен на финализација, како за домашниот пазар, така и за извоз, обезбедувајќи си сопствен девизен прилив за репродукција.

СПМ не може да го прифати фактот дека производството на зрнести култури ниту оддалеку не може да ги задоволи потребите во Македонија. Недостигот на ова производство создава низа негативни последици во целата гранка и пошироко, па затоа СПМ ќе работи на изготвување на посебна студија во разрешувањето на овој проблем. Цениме дека со развојот на модерното земјоделство ќе се обезбеди доволно храна за исхрана на сопственото население, а голем дел од производството ќе може и да се извезува.

  1. Искористувањето на необработените земјоделски површини заслужува посебно внимание. СПМ ќе иницира изготвување на студија за можностите во проширувањето на обработливите земјоделски површини преку примена на разни стимулативни мерки.
  2. СПМ ќе изнајде решенија за рационално искористување на акумулационите системи и на нивната мрежа, ќе пристапи кон реконструкција на застарените системи кои, освен за наводнување, би се користеле и за производство на енергија и на здрава вода за пиење.

Таму каде што постојат услови за наводнување, неопходно е да се произведува втора култура, со што ќе се обезбеди доволно сточна храна и суровини за преработувачките капацитети.

  1. За сточарството, чиј пораст е непосредно поврзан со зголемување на полјоделството, особено, на зрнестите култури постои голем интерес. Тој интерес не е доволно поддржан со поволни услови за кредитирање на ова производство, односно, со изградба на фарми и на мали преработувачки капацитети. Особено не се искористени извонредно поволните услови за развој на овчарството, со што и послабо квалитетното земјиште ќе се стави во производствена функција.
  2. Создавањето на инфраструктурни и на други услови за живот на село, каде што живее голем дел од населението, останува приоритетна задача на СПМ. Со комбинирани мерки во поттикнување и во осовременување на земјоделското производство и со создавање инфраструктурни услови за живот на село, би се постигнале повеќекратни ефекти, не само за производството туку и за вкупната економско-социјална карта на земјата. Би се намалил притисокот на невработените во градовите, посебно, врз силната централизација на животот во Скопје и во другите градови и на тој начин би се создале урамнотежени услови за квалитетно живеење на целата територија на државата. Затоа СПМ ќе пристапи кон програма за урбанизација на селото – изградба на патишта, на водоводи, отворање на здравствени амбуланти, на училишта, на објекти од областа на културата, а, секако, ќе се води сметка да се планираат простори за изградба на градежни и на индивидуални објекти на парцели кои се неповолни за земјоделската дејност. Нерационалното искористување на земјоделските површини, мотивирано од борбата за брз профит, не водејќи сметка за општиот интерес, драстично ќе се спречува.

Градежништвото – неискористен потенцијал

Градежништвото во Македонија, кое имаше постигнато висок степен на развој, е тешко погодено со рецесијата и со непреземањето соодветни мерки за негова поддршка. Затоа СПМ ќе донесе програма за развој на градежништвото како гранка која дава поттик за развој и на други дејности, а со тоа се отвораат и големи можности за вработување.

Можностите за развој на градежништовото на домашниот пазар СПМ ги гледа преку повеќе форми.

-Со стимулирање на развојот на сообраќајната патна и железничка инфраструктура во земјата и ангажирање на градежната оператива во овие потфати, при што би се користеле меѓународни кредити и концесии.

– Со донесување на урбанистички планови и отворање пошироки можности за индивидуална градба. Средствата треба да се обезбедуваат од продажбата на постојниот станбен фонд, а, исто така, и банките треба да се поттикнат да доделуваат станбени кредити со рок на враќање над 15 години и ниска годишна камата. На ваков начин ќе се активираат и средствата со кои располагаат граѓаните од нашата земја, а и средствата на нашите граѓани кои се наоѓаат на привремена работа во странство.

– Со намалување на комуналните давачки, и преку регресирање на каматите на банкарските средства, преку искористување на заробените девизни заштеди за станбена изградба и на други начини.

– Со развојот на градежништвото во земјата, паралелно ќе се бара излез за учество и на странскиот пазар. Досегашното искуство зборува дека нашата градежна оператива е способна да реализира најсложени операции и потфати во оваа област. Со активирањето на градежната оператива ќе дојде и до развој на градежните преработувачки капацитети, а, на тој начин, остварениот извоз како на стока така и на работна рака, значително ќе ја подобри платно-билансната позиција на нашата земја.

СПМ посебно ќе стимулира изградба на ефтини станови, урбанизација и легализација на т.н. диви приградски населби, со надомест на ниски комуналии, а, притоа, инфраструктурно да се решат нивните потреби, со што ќе се обезбедат пристојни услови за живот.

Инвестирање во туризмот

И покрај постоењето на природни услови, како и изградени објекти, развојот на туризмот во Макеоднија стагнира. СПМ ќе ги определи приоритетите во туризмот, со кој Македонија на туристичкиот пазар поагресивно и поквалитетно ќе ги презентира нашите природни убавини и културно-уметничкото наследство (археолошките локалитети, манастирите, црквите, природните реткости итн.). Ние како земја располагаме со голем број изградени хотели, ресторани, кампови, патишта, аеродроми, што претставува стабилна основа за развој на сестран туризам. СПМ ќе обезбеди кредити по поволни услови за обновување на овие објекти, за нивна модернизација и за изградба на нови атрактивни туристички зони па истите да се понудат на домашниот и на странскиот туристички пазар.

СПМ ќе создаде услови за вложување на странски капитал за развој на туризмот преку давање концесии и анимација на домашни и на странски претприемачи кои ќе внесат модерни, современи методи на работење и со тоа ќе бидат задоволени желбите и потребите на современиот турист.

СПМ, исто така, со даночни и со други олеснувања ќе овозможи да се развива и т.н. конгресниот туризам со изградба на модерни објекти, како и на објекти за забава и рекреација.

СПМ ќе се ангажира да се изготви стимулативна програма за развој на здравствениот и на селскиот туризам, користејќи ги, притоа, бањските лечилишта и рекреативните центри, како и нашите планински убавини, од рекреативен спорт до организирање на врвни спортски натпревари.

Инвестициите во сообраќајот клучна алка за стопанскиот развој на државата

Во современите развиени стопанства се позначајно место му се дава на развојот на сообраќајот, дејност која ги поврзува стопанските гранки и подрачја, производствените и потрошувачките центри и го заокружува процесот на општествената репродукција.

Интензивирањето на стопанството не може да се замисли без современ, технички развиен, технолошки добро организиран и економски рационален транспортен и телекомуникационен систем. СПМ смета дека сообраќајниот систем во Република Македонија, во одделните сообраќајни гранки, има потреба од постојани инвестициони вложувања за негов развој и изградба со цел неговата функција да се подреди на потребите на производствените и на потрошувачките центри и со тоа да се валоризираат неговите вредности во вкупниот стандард на населението и на стопанството.

Иако Македонија располага со добро развиена патна мрежа, СПМ и натаму ќе го стимулира инвестирањето во оваа област и ќе ги поддржува иницијативите за добивање странски кредити и иницијативи за распишување меѓународни тендери за изградба на патните правци низ државата, како и за издвојување значајни средства од буџетот на државата за развој на локалните патишта, кои треба да добијат приоритетно место во развојот на земјоделството и на малото стопанство.

Исто така СПМ ќе се ангажира за изнаоѓање решенија за интензивирање на изградбата на железничката пруга Исток-Запад, а, пред се, да се доврши изградбата на железничката пруга Бељаковци-бугарската граница, која е во фаза на стагнирање.

Што се однесува до телекомуникациите, СПМ смета дека во последните години во оваа област се вложени големи инвестициони средства, со што е направен голем напредок и на тој начин е обезбеден развој близок на европските трендови. Но, СПМ ќе ја оневозможи монополската позиција на македонските телекомуникации, со тоа што ќе дозволи да се формираат и други претпријатија во оваа гранка.

Во областа на воздушниот сообраќај, исто така, се направени големи инвестициони вложувања и тоа, пред се, во модернизацијата на аеродромите во Скопје и во Охрид и во системот за контрола на летање. Но, со самото тоа не значи дека сите проблеми во воздушниот сообраќај се решени. Оттука на развојот на оваа сообраќајна гранка постојано ќе се посветува внимание, особено, за давање квалитетни услуги и безбедност.

Обезбедување средства за развој

СПМ е свесна дека сето ова може да се постигне низ една силна и динамична инвестициона активност, за што треба да се обезбедат средства. Затоа ќе ги преземе следните мерки.

– Сите средства собрани со приватизацијата и тие кои ќе се соберат во наредниот период исклучиво да се користат за развојни цели.

– Средствата од домашните банки мора да се пласираат по конкурентни услови, слично на западните банки. Затоа ќе се намали височината на цензусите на основачкиот влог за основање и за работење на комерцијалните банки. Сега утврдените цензуси на основачки капитал се високи и се едни од највисоките во Европа и во светот, со што домашните банки се принудени да работат со високи каматни маржи. Исто така високите цензусни услови не дозволуваат странските банки да основаат свои филијали во Република Македонија кои ќе ја зголемат конкуренцијата со домашните банки, а чиј капитал по поволни услови ќе биде инвестиран во македонското стопанство, од една страна, а, од друга страна, ќе ја врати довербата кај граѓаните во однос на мобилизирање на слободните парични средства преку штедни влогови.

– Обезбедување поволни кредитни линии од странски финансиски институции како што се Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската банка и тоа за кон-кретни развојни програми.

– СПМ значителни средства за развој на стопанството ќе издвојува од Буџетот на Република Македонија. Буџетот ќе го стави во функција на развој на државата, со тоа што ќе ги исклучи сите средства наменети за луксуз, а инвестициите во нестопанството ќе бидат  значително намалени за определен период, освен во образованието,во  здравството и во културата.

– СПМ смета дека светот е подготвен да ни помогне преку разни донации до колку гледа дека ние имаме цел, дека имаме реални програми и дека чесно и совесно се однесуваме кон нивното реализирање. Тоа ќе го обезбеди СПМ со својата економска политика.

– Капиталот од странски прив атни фирми и лица е значаен извор на свежи пари, доколку имаме сигурна правно-функционална држава, која ќе гарантира за вложените пари. СПМ енергично ќе работи за создавање на такви услови Македонија да стане сигурно место за оплодување на секој вложен капитал.

СПМ ќе работи економското законодавство да биде ослободено од преголемо администрирање, односно да има јасни и прецизни одредби со што ќе ги поттикнува стопанските иницијативи. СПМ ќе ги преиспита одделните законски решенија во областа на стопанството, а, особено, оние кои се однесуваат за инвестирање на странски капитал во нашата земја, кои, според согледувањата на СПМ, наместо да го привлекуваат, тие го одбиваат.

Здрава животна средина за успешен развој

Екологијата не е тренд, туку животна потреба и процес во борбата за постојана грижа во зачувувањето на здрава животна средина која се рефлектира во сите сфери на општествениот живот, а со тоа и врз здравјето на населението во Република Македонија. Поради тоа значење на екологијата, СПМ се залага за:

– развивање на свест и на одговорност за заштита на средината и за изградба на одговорно општество за овие прашања;

– еднаков третман на заштита и на унапредување на средината како компонента на идниот развој на Републиката со економските интереси на Републиката;

– ригорозен јавен надзор врз сите активности што го загрозуваат квалитетот на воздухот, на водите и на почвата, на природните вредности и вредностите создадени со труд;

– непосредна и трајна заштита на природното богатство, особено, на природните реткости во Републиката, и за нивно економско вреднување;

– решавање на проблемот на водоснабдувањето на населението со здрава вода за пиење и заштита на изворите;

– објективно и навремено информирање на јавноста за квалитетот на средината во која живеат граѓаните;

– развој на еколошки единици во Македонија.

Социјалистичката партија ќе настојува иницијативите за заштита на средината преку организирани облици на активност да прераснат во масовно општествено движење како колективна свест.

СОЦИЈАЛНАТА ПОЛИТИКА ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Социјална сигурност на секој граѓанин

Уставот, Република Македонија ја дефинира и како социјална држава. Оттука, државата е таа која треба да гарантира целосна економска и социјална сигурност на граѓанинот, поденице, група семејство и пошироко.

Но, дефиницијата социјалната држава сама по себе не ги решава проблемите, доколку нема јасно утврдена социјална политика и утврдени мерки, со кои тоа ќе се остваруваат. Оттука, СПМ во рамките на економскиот и социјалниот развој на државата приоритет ќе даде во донесување на законски мерки и одлуки со кои ќе се обезбеди ефикасна социјална заштита на социјално загрозените лица и семејства. Тие мерки ќе бидат во функција на развојната политика, во градење на стабилно и хармонизирано хумано општество. Во градењето на социјалната политика и инструментите за социјална заштита СПМ ќе поаѓа од принципите на хуманост и солидарност, широко прифатени од левоориентираните партии во светот. Покрај тоа што државата ќе биде најголем носител на социјалната политика, СПМ во таа активност ќе ги вклучи разните хуманитарни организации и здруженија на граѓаните.

СПМ во основа се залага секој граѓанин својата егзистенција и егзистенцијата на своето семејство да ја обезбедуваат врз основа на својот труд, во рамките на економскиот развој и програма што СПМ ќе ја донесе за планирано продуктивно вработување на невработените. Но, економскиот развој на земјата не е на такво развојно ниво што ќе обезбеди висок степен на вработеност. Поради тоа СПМ преку мерките на даночната политика, преку буџетот на државата и преку други облици на финансирање (донации, подароци и други облици на хуманитарна поддршка), ќе обезбедува средства за заштита, со кои на лицата невработени, стечајните работници, работниците како технолошки вишок, стари лица без семејна грижи, а материјално не обезбедени, хендикепираните, самохраните родители, децата без родители и без родителска грижа како и малолетните лица кои ќе се зафатени со некоја општествено негативна појава.

За подобра и поквалитетна заштита на напред наведените категории, а посебно на лицата кои не се вработени ќе изгради критериуми за утврдување на најнизок износ на социјална помош односно плата која ќе обезбедува услови на поединецот и семејството со единствена цел истите да можат квалитетно да живеат и творат. Лицата што ќе примаат социјална заштита, а се способни за работа ќе бидат работно ангажирани во таканаречените јавни работи како што се изградба на патишта, водоводи, уредување на животната средина и слично.

СПМ посебно ќе ги изнајде и утврди основните критериуми кои ќе го регулираат стекнувањето на социјалните права од сите категории со единствена цел помошта да ја добиваат оние лица кои објективно имаат потреба од неа.

СПМ посебно внимание ќе посвети на утврдување на конзистентна станбена политика која ќе води сметка за обезбедување на станови за социјално загрозените семејства и посебно на млади брачни семејства. Тоа, особено, ќе го обезбедува преку поволни и долгорочни станбени кредити.

СПМ ќе создава услови за грижа на хендикепираните и на старите изнемоштени лица. За таа намена ќе ги подобрува условите во веќе изградените институции и ќе гради нови и похумани институции.

Стабилен пензиски систем како гаранција за безгрижна старост

СПМ најенергично ќе опстои на становиштето стекнатите права од пензиското осигурување да не се доведуваат во прашање туку, напротив, ќе изнајде решенија што ќе ја подобрува материјалната положба на пензионерите. Во таа смисла ќе потикнува приватни иницијативи (фондови) заради подобрување на конкуренцијата и вкупните услови за заштита на сите граѓани со енормно ниски пензии и социјално загрозени.

Во функција на обезбедување на стекнатите права ќе ги прави и реформите во пензискиот систем без какви било ризици, а во функција на поголема сигурност и поголем стандард на лицата пензионери (сегашни и идни). Тоа, особено, ќе го прави во однос на условите за стекнување на правото на пензија.

ЗДРАВСТВО ЗАСНОВАНО НА ПРИНЦИПИТЕ НА ЕДНАКВОСТ, НА  СОЛИДАРНОСТ  И НА ДОСТАПНОСТ НА СЕКОЈ ГРАѓАНИН

СПМ со внимание ги следи новите доктрини и политички ориентации во развиените земји за обезбедување на квалитетно здравство. Во таа смисла, особено, ги концептира ставовите содржани во Париската декларација на Социјалистичката интернационала донесена 1999 година и Погледите на светската здравствена организација за 21 век. Во овие документи стои јасна определба дека здравствената заштита, образованието, културата, науката и другите општествени дејности не можат да подлежат на такви критериуми на пазарната економија кои ќе ја негираат еднаквоста, солидарноста и достапноста на здравствената заштита до секој граѓанин.

СПМ како партија во власта во изминатата деценија најнепосредно беше ангажирана во спроведувањето на реформите во здравството, но од низа причини докрај не беше во состојба да ја реализира својата програмска определба за целосна бесплатна здравствена заштита на граѓаните. Во овој период обезбеди услови во сите општини граѓаните да користат 80% од примарните здравствени услуги. Со имплементацијата на избран лекар и со плаќање по осигуреник беше овозможено здравството и на пациентите и на лекарите со ориентација за брзо воведување на целосна бесплатна примарна заштита.

СПМ на превентивната медицина како битен фактор за спречување на многу масовни заболувања, и понатаму ќе посветува потребно внимание и ќе презема соодветни мерки за рано откривање на малигните заболувања, за спречување на употребата на дрога, на алкохол и на други видови зависни болести и нивно бесплатно лекување.

СПМ во наредната фаза од спроведувањето на реформите ќе се ангажира во секундарната и во терцијарната здравствена заштита. Поради преголемиот број пациенти, чии здравствени проблеми треба да ги решава примарната здравствена заштита, секундарната и терцијалната здравствена заштита е преоптоварена, не е организирана што ја прави неефикасна и скапа.

СПМ интензивно ќе работи на создавање услови за радикално менување на сегашните состојби во секундарната и во терцијалната здравствена заштита, со тоа што ќе се обезбеди брзо поставување на дијагнози и примање на терапии. Со тоа ќе се намали бројот на болничките денови, ќе се избегнуваат хоспиталните инфекции и наместо престој во болници тоа ќе се надополнува со организирање на амбулантно-поликлинички лекувања и во болници за дневен престој. На овој начин во давањето на здравствени услуги значително ќе се намалат трошоците и ќе можат да се издвојуваат средства за научно-истражувачка дејност што во здравството е на многу ниско ниво.

СПМ ќе работи на обезбедување подеднакви услови на работа на лекарите во државните и во приватните здравствени установи, со што ќе се обезбеди здрава конкуренција и наградување според резултатите од трудот.

Во целост земено, СПМ секундарната и терцијалната здравствена заштита ќе ги сообрази со стандардите на светската здравствена организација, а, особено, во однос на кадровското екипирање, на стручното усовршување, на технолошкото осовременување, на зголемувањето на стандардите и на подобрувањето на статусот на здравствените работници.

Редовното снабдување на граѓаните со лекови ќе биде обезбедено со препишување рецепти со строго определени доктрини на сите нивоа на здравствената заштита, прецизирана со редовна медицинска едукација и со компјутерска регистрација на рецептите.

На пензионерите, кои не се во состојба да ги земат лековите од аптеки, ќе им биде обезбедено редовно доставување на лекови дома преку нивниот избран лекар. Бидејќи снабдувањето на лекови во нашата земја од домашно производство е 30%, ќе се распишуваат редовни меѓународни тендери преку кои ќе бидат обезбедени многу поевтини лекови, а со низа мерки ќе бидат стимулирани странските фармацевтски куќи да отворат погони кај нас.

Фондот за здравство ќе го направиме да биде независна институција со многу поефикасна контрола за прашањето на средствата. СПМ ќе дозволи формирање и на приватни здравствени фондови со што ќе обезбеди и конкуренција во оваа област.

За лекување на болните од дрога и од сида, СПМ ќе обезбеди посебна здравствена институција надвор од урбаната средина, каде што ќе се спроведуваат радикални терапии со познатите методи на детоксинација на организмот. Покрај медицинската ќе се применува и психијатриска и работна терапија и рехабилитација, а со тоа ќе се постигне и реализација на личноста.

Реформата во здравството бара и радикални промени во наставно-научната работа на Медицинскиот факултет, односно, во стручното усовршување на медицинскиот кадар, за што СПМ ќе иницира изготвување на посебна програма за тоа како ќе функционира Медицинскиот факултет.

СПМ посебно внимание ќе посвети на крводарителството како посебна хумана и солидарна акција за спасување на бројни животи.

ОБРАЗОВАНИЕ

Знаењето – фактор во развојот на државата

Образованието е витален интерес на секој граѓанин и на државата во целост, а, според тоа, ќе биде и приоритетна значајна сфера во работата на СПМ. Затоа, согласно карактерот на Република Македонија како држава со унитарен систем, образованието треба да добие статус на државен интерес кој ќе ги одразува суштинските вредности и квалитети кои треба да бидат во хармоничен сооднос со сопствените традиции и со историјата и со достигнувањата на другите напредни демократски општества.

Според тоа СПМ најдоследно ќе се залага за следните работи:

– Единствен образовен систем во РМ со висок стандард на квалитетно образование во кое младите ќе се оспособуваат за прифаќање и за примена на новите технологии и достигања во цивилизацискиот развој, што претпоставува надминување на просечноста во воспитно-образовниот процес, поттикнување и развивање на индивидуалните способности и афинитети на секој ученик и студент. СПМ ќе обезбеди бесплатно основно, средно и високо образование во државните образовни установи и институции, пристојна стипендија за талентираните и кредитирање на учениците и на студентите со јасно утврдени критериуми, кои ќе ги опфаќаат социјално загрозените.

– Вградување на светските достигнувања од областа на науката и наставата во сите групи на предмети на секое ниво на образование.

– Кадровска политика во сферата на образованието, заснована врз избор по пат на конкурси со имање предвид на законски вградени критериуми засновани на квалитет и без непотистички однос – без разлика дали се работи за партизација или по други основи кои само можат да му наштетат на образовниот систем и на образовните процеси.

– Изготвување и примена на единствени критериуми за наградување на трудот на просветните работници и пропорционално на административно-техничкиот персонал, согласно степенот и квалитетот на ангажирањето во изведувањето на наставата и воннаставните активности.

– Обезбедување на материјално-техничката опременост на образовно-воспитните установи што ќе ја следи потребата од изведување на современа настава според највисоките стандарди.

– Изградување на средно и на високо образование според афинитетите на учениците и на студентите, и согласно потребите на државата, со нагласен приоритет на талентираните. Образованието за занимања СПМ ќе го усогласи со потребите на стопанството и со видовите на занимања, што значи да се добие флексибилно образование кое ќе го следи динамичниот развој на стопанството и општеството во целост.

– Образованието, со својата флексибилност, мора да биде подготвено во прифаќање на кандидати за нивна брза и стручна преквалификација за која се појавува потреба на берзата на трудот.

– Учебникарската дејност ќе биде усогласена според динамиката на единствениот образовен систем. Посебно внимание ќе се посветува на поттикнување и развој на елктронско-информатички форми на учебникарство.

СПМ ќе организира таков образовен систем во кој нема да биде оптоварување за учениците, а акцентот ќе биде ставен на нивно стручно и работно оспособување. За талентираните ученици и за оние кои имаат склоности кон определени дисциплини, ќе се воведуваат посебни програми кои ќе го стимулираат талентот.

СПМ посебно ќе се залага за масовен систем на образование за производство кое ќе ги задоволува потребите на поголем дел ученици, а преку водењето на соодветна социјална политика да не бидат на товар на економски посиромашните семејства како и на популацијата од селата и од неразвиените средини во РМ.

За успешно остварување на воспитно образовниот систем СПМ ќе организира пристоен стандард за сместување и исхрана на учениците и на студентите на кои тоа им е потребно.

НАУКАТА -во функција на производството

За СПМ научната работа не само што е привилегија на научниците и на истражувачите, во кои вложува македонската држава туку е и можност за нејзина имплементација во производството, за постигнување на врвни резултати, а со самото тоа во хуманизација на трудот на работниците.

– Потребата од понатамошно развивање и стимулирање на научно-истражувачката работа од сите сфери на интересирања во највисоките институции на системот: МАНУ, Универзитетот, институтите и поединечните достигнувања, се секогаш трајна инвестиција која многукратно се надоместува. Единството на производството и на научната мисла и примената на иновациите мораат да најдат заеднички интерес низ меѓусебното хармонизирање, како по основ на инвестициони вложувања, така и по основ на нивна примена во процесот на производството како крајна цел.

– СПМ, во таа смисла, најдоследно ќе инсистира научно-истражувачката дејност да го добие оној општествен статус кој ќе и овозможи непречен развој на научната мисла, како низ краткорочни така и низ долгорочни проекти. Подрачјата од сферата на историјата, лингвистиката, литературата, медицината, техниката и другите дејности на интересирања на научната мисла, говорат само за неограничените можности и за широкиот спектар тематски интереирања.

– СПМ ќе инсистира Министерството за наука да ги следи и материјално-финансиски да ги стимулира во процесот на создавањето  и публикувањето на научните трудови, афирмирајќи ги пред пошироката домашна и меѓународна јавност.

– СПМ ќе се ангажира за реално вреднување на трудот на научните работници, во изградувањето и во развивањето на техничко-технолошка опременост на научниците и на научните институции.

– Грижата кон младите научници и истражувачи за СПМ ќе биде приоритетен интерес и ќе ги стимулира научните институции во креирањето на младиот научен кадар по пат на стипендирање до највисоките научни звања и другите видови специјализација во земјата и во странство.

КУЛТУРАТА – ЕДИНСТВЕНА МОЖНОСТ НА ИЗРАЗУВАЊЕ НА СИТЕ КРЕАТИВНИ ПОТЕНЦИЈАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА

Културата како витален сегмент на националните вредности и можности за нејзиното понатамошно афирмирање на традициите, не само што е национална предност и гордост туку и обврска за нејзино понатамошно развивање врз принципите на естетските критериуми во творештвото и демократските сфаќања во светот од највисок дострел.

Оттука, за СПМ произлегуваат и обврските:

– Негување, откривање и чување на историските споменични одбележувања настанати во епохите и нивно ставање во едукативна функција на генерациите и широко афирмирање во светот како цивилизациска предност.

– Постојано градење култ кон националните вредности и грижа за нивно негување врз научни и врз едукативни сознанија за македонскиот придонес во збогатувањето на светската ризница на културата.

– Македонија, а посебно Република Македонија, да се прогласи и да издејствува статус пред УНЕСКО за културен простор од светски размери и како подрачје да се стави под заштита на ООН со сите свои локалитети, градови, езера, национални паркови можеби и единствена од тој пример да го добие својот третман: држава на културни вредности и со историски сведоштва за развојот на цивилизациите во светот – од Филип и Александар Македонски, – Крсте П. Мисирков, до – Блаже Конески …Македонија како Библиски народ! Соодветно на тоа Македонија да се вклучи во финансиските проекти на светската заедница за понатамошни проучувања и за афирмирања на нејзините вредности.

– Слободата на мислењето и творечкото изразување да бидат елемент на демократска препознатливост во светот од висок степен на сфаќање и разбирање.

– Стимулирање на творештвото и на издавачката дејност, согласно традициите на др-жави кои имаат развиени демократски механизми. Поради територијалната ограниченост, како последица од букурешките делби (1913) и историските околности кои го оневозможуваат развивањето на пазарниот систем во сферата на културата, таа мора да биде колективна грижа на државата и да подлежи на буџетски субвенции кои ќе ги стимулираат процесите во културниот развој во РМ.

– Институциите на културата, според Законот за култура, и нивната поделба на институции од национален и регионален карактер, мора да се доведат до степен на статусна изедначеност без разлика колку културата ќе биде грижа на државата (министерството, а колку на локалната самоуправа /селективно/), но не на штета на културата како процес и потреба, туку само како форма на регулирање на односите и нивната принадлежност на обврските. Во таа смисла нема “државна” и “регионална” култура, туку само – национална.

– Литературата, сликарството, музиката, театрите, продуктивната и репродуктивната уметност, се секогаш во функција на постојана едукација на генерациите и афирмирање на најшироките национални интереси, па оттука произлегува и статусот на културата како масовен процес без привилегирани носители, креатори и нејзини корисници.

– Издавачката дејност мора да подлежи на селективност според квалитетот на творечките достигнувања без партизација на односите во нив и определени непотистички влијанија. Културата сама по себе, по својата вокација, е постојано во антагонистички позиции со тие сфаќања. Инаку не би била ни културен чин на изразување на демократските сфаќања ниту пак процес кој треба да се следи. За културата нема табу-теми. Таа е или култура или политизација на културата, за што второто е туѓа определба за СПМ.

– СПМ не признава елитизам во чинот на културната презентација. СПМ прифаќа масовна култура со висок степен на творечка креативност за сите нејзини корисници по жанрови и стилско-тематски изразувања. Единствено мерило се уметничките дострели.

– Без висок степен на развиени односи во културата нема ниту висок степен на демократска развиена свест, нема национална одговорност, како и одговорност кон работата и трудот, кон светот на комуникации со другите светски придонеси во цивилизацијата на човештвото.

– СПМ ќе се застапува за таков третман на културата кој ќе и служи на националната афирмација, на креативниот чин и на слободата на изразувањето без политички лимити, развивајќи ја до степен на лична и колективна одговорност.

Афирмација на македонскиот стандарден литературен јазик

Македонскиот стандарден литературен јазик и кириличното писмо како основен идентитет на македонското национално битие СПМ ќе ги брани со сите расположиви средства од разни негирања и посегања.

Социјалистичката партија на Македонија доследно ќе ги почитува и ќе ги применува македонскиот стандарден литературен јазик и неговото писмо во службената и во јавната употреба во Република Македонија, ќе ги развива, ќе ги негува и ќе ги афирмира преку системот на образованието и воспитанието, преку издавачката дејност, преку информирањето и преку целокупната комуникација во јавниот живот. Оваа национална вредност не може да биде тема на политички договарања и партиски калкулации.

Масовна физичка култура

СПМ ќе ја развива масовната физичка култура како битен услов за создавање на здрава и психофизички способна популација која ќе биде во состојба да го понесе товарот во развојот на земјата.

СПМ покрај масовната физичка култура посебно внимание ќе посветува на развојот на спортските клубови и на врвниот спорт преку кој ќе се задоволуваат не само потребите за спортски живот на граѓаните туку и нашироко ќе ја афирмираат нашата земја на спортски план во светот.

Активна популациона политика

Популационата политика ја сметаме за значаен елемент за вкупниот развој на Републиката, а демографската рамнотежа – услов за мирен и за рамномерен општествен развој.

СПМ ќе инсистира на:

– ширење на облиците и на содржините за активна популациона политика во согласност со можностите и со развојот на Републиката;

– стимулирање на порамномерен демографски развој во зависност од нискиот или од високиот наталитет;

– влијание за развивање на свеста за одговорно родителство и за современи односи во биолошката репродукција;

– активна здравствена и социјална заштита на мајките и на децата;

– афирмација на семејството, одговорно родителство и општествена грижа за децата, со која независно од статусот на родителите ќе се обезбедуваат еднакви услови за сестран развој на детето и во растењето на здрава млада генерација.

Жената – рамноправен и активен субјект во општеството

Социјалистичката партија ќе инсистира процесот на демократизација на општеството да се обезбеди соодветна застапеност на жените во сите сфери на политичкото и на општествено одлучување.

СПМ е против инфериорната општествена положба на жената. Ангажирањето на жените во политичките порти е значајно, затоа што хуманистичкиот дух на жената, ќе влијае и врз вкупните текови на развојот на општеството, и за подобар и побогат живот на сите граѓани.

СПМ ќе обезбеди поголемо учество на жените во раководствата на органите на сите нивоа во сопствените редови.

Отворање перспективи за младите луѓе

Младите се значајна творечка сила. Ќе создаваме реални услови за изразување на нивната творечка енергија и знаење за менување на нашиот живот и на нашето општество. Нивната енергичност, ентузијазам и прогресивност ќе бидат од големо значење за напредокот на Република Македонија.

Ќе ги почитуваме генерациските интереси и потребите на младите луѓе. Ќе овозможиме да се развиваат нивните креативни и рекреативни потреби.

Ќе ги поддржуваме определбите на младите за сопствена еманципација. Стручноста, квалитетот, креативноста и способноста на младиот човек-поединец ќе бидат критериум за определување на неговиот статус и на неговата положба во општеството. Нивното учество во развојот на земјата ќе го забрза процесот на демократските реформи, а со тоа се повеЌе ќе се отворат можности за вработување на генерациите што доаѓаат.

ЗА  РАЗВИЕН  ВНАТРЕШНО-ПАРТИСКИ ДЕМОКРАТСКИ  ЖИВОТ

Решителни сме во определбата Социјалистичката партија на Македонија постојано да го гради сопствениот демократски легитимитет преку натамошно развивање на демократски односи во Партијата и преку привлекување на нови членови, цврсто определени за програмските цели на Партијата.

Партијата ќе развива постојана и непосредна комуникација со членството и ќе го збогатува партискиот живот со постојани и со современи форми на активност.

СПМ ќе ги изразува и ќе ги артикулира интересите на своето членство, настојувајќи во процесите на политичкото одлучување на најсоодветен начин да ги застапува јасно определените интереси и да се бори за нивна реализација.

Партијата ќе посвети посебно внимание на развивањето на комуникацијата на избраните претставници на граѓаните од редот на Партијата со нивните избирачи и со членството на СПМ за успешно остварување на функцијата на пратениците, односно советниците и за реализација на изборно-програмските определби на Партијата.

Во активноста во Собранието на Република Македонија, СПМ ќе настојува со пратеничката група преку осмислена и организирана активност, во процесот на политичко одлучување, во максимална можна мера да ги изрази и да ги оствари интересите на граѓаните и програмските цели на СПМ.

Во функција на осмислен и конструктивен настап во процесите на политичкото одлучување, СПМ ќе развива форми на широка консултација со членството и со граѓаните и ќе обезбедува стручни и сеопфатни мислења за суштествените прашања.

Партијата се залага за развивање на меѓупартиската соработка (парламентарна и вонпарламентарна) со коалиционите партнери, за продлабочување и за операционализација на заедничката политичка платформа и ефикасно остварување на власта.

СПМ ќе ја афирмира својата политичка програма преку секојдневното ангажирање на членовите на Партијата, преку политичката активност на претставниците на Партијата, преку информативно-пропагандната активност и со други методи.

Неопходно е Партијата да изгради целосна информативно-пропагандна стратегија со осмислени современи форми на настап и презентирање на заложбите на СПМ.

СПМ ќе настојува да обезбеди поинтензивна презентација на Партијата во средствата за јавно информирање, како на ниво на државата, така и преку локалните средства за јавно информирање.

Во овие рамки ќе се вложат напори за издавање гласило на СПМ.

СПМ ќе вложува постојани напори за развој и за омасовување на подмладокот на Партијата “Млади социјалисти”, преку практичното дејствување за остварување на интересите на младите и преку создавање услови за поактивна и креативна вклученост на младите во севкупниот партиски живот.

ФЛЕКСИБИЛНОСТА НА СПМ И КАДРОВСКАТА ПОЛИТИКА

Флексибилноста на СПМ е во градењето на партиска доверба меѓу членството, во телата и во личностите на раководствата во Партијата. Соработката и протокот на информациите за активностите на СПМ ќе ги развиваме на сите нивоа во организационата поставеност. Низ изградениот ситем на информирање ќе се дојде до најоптималните решенија кои ќе бидат вградени во политичкиот ангажман на Партијата.

До донесувањето на соодветни партиски решенија и ставови треба да се почитуваат статутарните одредби на СПМ. Ценејќи ја слободата на мислењето, борбата на спротивставени мислења е само предност во политичката борба на знаења и силата на аргументите. Низ таква конструктивна борба на мислења ќе се дефинираат и мислењата и партиските кадри што за СПМ значат политичка предност во креирањето на кадровската политика, како за сопствени, внатрешнопартиски потреби, така и во процесот за освојување на власта или за партизација во истата. Такви силни кадровски решенија меѓу број-ното членство на СПМ постојат. Треба само да им се даде можност да дојдат до израз нивните стручни, образовни, инвентивни и кооперативни способности. СПМ е таа која пошироко ќе ги афирмира како кадровски потенцијал на Република Македонија.

Партијата останува отворена за конструктивен дијалог и за соработка со сите политички партии во земјата и надвор од земјата врз принципите на рамноправност и на меѓусебно почитување.

СПМ ќе ја развива меѓународната соработка со партиите со блиска програмска ориентација, со цел да се разменат идеи и искуства од партискиот живот, како и да се придонесе за афирма­цијата на Република Македонија во странство и за развојот на севкупната меѓународна соработка на нашата земја.