Реакција на СПМ за културно-пропагандната мисија на Бугарија во Битола и Охрид

Социјалистичката партија на Македонија изразува најенергичен протест и незадоволство од постапките и изјавите на високи бугарски функционери при нивната културно-пропагандна мисија изминативе два дена во Битола и Охрид.

Начините се менуваат, но целите остануваат исти!

Со именувањето на наводниот културен центар во Битола со името на големиот непријател на македонскиот народ, Ванчо Михајлов, актуелната бугарска политика потврдува дека и понатаму стои зад нивните вековни експанзионистички политики кон македонскиот народ.

На сите им е добро позната дејноста на продадениот Македонец кој во бројни акции, во нарачани и директно извршени брутални пресметки уби преку стотина македонски револуционери и интелектуалци, кои својата револуционерна дејност за слободна и независна Македонија ја извршуваа во тогашната бугарска фашистичка држава.

Највисоките бугарски раководители од сегашното и од поранешното бугарско раководство со злоупотребата на гостопримството на македонскиот народ или со сервилното однесување на актуелната македонска власт, потврдија дека нема светли хоризонти во македонско-бугарското пријателство и добрососедство, на кое се повикуваат, со што всушност потврдуваат дека работат на повампирување на бугарскиот експанзионизам во независна и слободна Република Македонија.

Осознавајќи ги вистинските намери на актуелната бугарска политика, македонскиот народ ќе ги повтори вековните македонски пораки срочени во стиховите на добро познатата и прифатена народна песна од времето на Народно Ослободителната Војна.

Се надеваме дека и напредната Европа го виде вистинското лице на актуелната бугарска гарнитура дека со своето отворено дејствување работи на реставрација на великобугарските интереси во срцето на модерна Европа.

Поради тоа, слушајќи го гласот на народот, Социјалистичката партија на Македонија енергично бара од актуелната македонска Влада времено прекинување на започнатите разговори со Република Бугарија и целосно почитување на Резолуцијата за утрвдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, едногласно усвоена во Собранието на Република Македонија.

Оттаму, Социјалистичката партија на Македонија смета дека во наредниот период од страна на истакнати македонски историчари, интелектуалци и пошироката јавност е потребно да се соопштат сознанијата за вистинките намери и состојби во односите меѓу Бугарија и Македонија во минатото и денес.