Статут на МСМ

 

С Т А Т У Т

на Млади социјалисти на Македонија – МСМ

 

I

Ч Л Е Н С Т В О

 

Член 1

            Член на Младите социјалисти на Македонија може да биде секој млад граѓанин на Република Македонија (од 18 -30 години)кој ги прифаќа Програмата и Статутот на СПМ – односно Програмата и Статутот на МСМ.

Член 2

            Зачленувањето и евиденцијата на членството се врши со потпишување на пристапница во месната или општинската организација на СПМ – МСМ.

II

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ

Член 3

            Членот на МСМ има право да дава иницијативи и предлози за работата на органите на СПМ и МСМ, да учествува во нивната работа, да искажува лично мислење и ставови и да се бори за нивно усвојување и остварување, да избира и да биде избран во органите и телата, како и да предлага и утврдува кандидати за функции во МСМ, односно СПМ, и во други невладини, неполитички општествени организации и движења.

Член 4

            Младите социјалисти на Македонија во рамките на СПМ ги остваруваат своите права за истакнување на кандидати за избор на советници, градоначалници и пратеници, како и предлог кандидати за учество во извршната власт.

Член 5

            Членовите на МСМ избрани во државните органите се должни да ги застапуваат определбите и политиката на СПМ и МСМ, за што одговараат пред СПМ.

Член 6

            Членот на СПМ – МСМ е должен да се придржува на Статутот и да работи на остварувањето на програмските цели на МСМ, односно СПМ и со својот однос и работа да го чува и унапредува угледот и влијанието на СПМ и МСМ, совесно и одговорно да ги врши сите функции во органите и телата на СПМ и МСМ.

Член 7

            Членувањето во МСМ престанува со доброволно истапување од организацијата. Член на МСМ може да биде исклучен доколку дејствува спротивно на интересите на МСМ и нејзините статутарни и програмски цели.

Одлуката за исклучување ја донесува Општинскиот одбор на организацијата и за исклучен се смета оној член за чие исклучување гласале мнозинство од присутните членови. Против одлуката за исклучување, членот има право на жалба во рок од 30 дена од донесувањето на одлуката.

Како второстепена инстанца за поднесување жалба се смета Извршниот одбор на МСМ кој по истата се произнесува  во рок од 30 дена од денот на упатувањето.

Ако членот во рок од 30 дена не ја обжали одлуката за негово исклучување таа станува полноважна.

III

НАЧИН НА ОРГАНИЗИРАЊЕ

Член 8

            Младите социјалисти на Македонија се организираат на територијален и функционален принцип (секции, клубови, друштва и сл.).

Член 9

            Општинската организација ја сочинуваат сите членови на МСМ од таа општина.

Општинските организации се здружуваат во Градска организација на секаде каде што има услови за тоа.

Член 10

            Месната организација може да се формира ако има најмалку 5 члена.

Месната организација може да се формира и да дејствува на подрачјето на една, две или повеќе месни заедници во зависност на бројот на членови.

Во рамките на месната организација, доколку таа брои над 10 члена, треба да се избере орган и да се формираат некои облици на организирање и дејствување во согласност со Статутот и Програмата на МСМ.

IV

ОРГАНИ НА РАКОВОДЕЊЕ

Член 11

            Органи на раководење на МСМ се:

                        – Собрание;

                        – Републички одбор;

                        – Извршен одбор;

                        – Надзорен одбор;

                        – Претседателство.

 

Член 12

            Собранието е највисок орган на МСМ и се одржува со одлука за свикување од страна на Републичкиот одбор. Бројот и начинот на избор на делегати со одлука го утврдува Републичкиот одбор на МСМ.

Собранието на МСМ може да биде свикано и на барање на 2/3 мнозинство од Општинските организации на МСМ и тоа според бројот на општините според моменталната територијална поделба на РМ, во рок од 3 (три) месеци.

Член 13

            Собранието го донесува Статутот, Програмата и Деловникот за работа на МСМ, го усвојува Извештајот за работа на МСМ помеѓу две собранија, избира Републички одбор и Надзорен одбор. Во периодот помеѓу две собранија измени и дополнувања на Програмата и Статутот на МСМ може да врши Републичкиот одбор за што извештај поднесува пред Собранието. Собранието избира претседател, потпретседател(и) и генерален секретар.

Собранието го усвојува Извештајот за работа на Републичкиот и Надзорниот одбор.

 

Член 14

            Републичкиот одбор е највисок орган на раководење на МСМ во период помеѓу две собранија, избира Извршен одбор, го верификува Извештајот на Извршниот одбор и свикува Собрание.

Републичкиот одбор дава оценка за работата на општинските организации, Градската организација и Извршниот одбор на МСМ.

По престанувањето на мандатот на Претседателството, Републичкиот одбор избира ВД Претседателство (со просто мнозинство), кое ја објавува функцијата на претседателството до изборото на ново.

 

Член 15

            Републичкиот одбор ги разгледува сите прашања врзани за спроведување на Програмата на МСМ и покренува и разгледува други прашања и проблеми од значење за развојот и работата на МСМ:

– ги утврдува основите за соработка со другите подмладоци на политички партии и други организации и сојузи, здруженија, движења, како и меѓународна соработка со подмладоците на социјалистичките партии во Европа и светот;

– формира свои тела и облици на дејствување;

– донесува финансиски план и завршна сметка на МСМ.

Член 16

            Претседателот на МСМ е истовремено и претседател на Републичкиот одбор и претседател на Извршниот одбор.

Претседателот на МСМ ја преставува организацијата, ги свикува седниците на Републичкиот и извршниот одбор, покренува расправа за одделни прашања од делокругот на работата на Републичкиот и Извршниот одбор, се грижи за донесување, остварување и спроведување на одлуките и заклучоците што ги донесува Републичкиот и Извршниот одбор.

Член 17

            Потпретседателите на МСМ се истовремено и потпретседатели на Републичкиот и Извршниот одбор.

Потпретседателите го заменуваат претседателот во негово отсуство.

Потпретседателите на МСМ одговараат за работата на МСМ, а нивните ингеренции се поделени на територијален принцип.

Член 18

            Генералниот секретар на МСМ истовремено е Г.секретар на Републичкиот и Извршниот одбор.

Генералниот секретар на МСМ ја претставува организацијата и застапува во имотно-правните работи, обезбедува извршување на програмата, одлуките и заклучоците на Републичкиот и Извршниот одбор.

Се грижи за наменско трошење на средствата, во соработка со претседателот ги подготвува седниците на Републичкиот и Извршниот одбор, ја потпишува работната документација на Републичкиот и Извршниот одбор.

Член 19

            Извршниот одбор е одговорен за остварување на актите на Републичкиот одбор и во таа насока:

– Ги организира и свикува седниците на Републичкиот одбор.

– Помеѓу седниците на Републичкиот одбор разгледува прашања од интерес за спроведување на Програмата на МСМ.

– Разгледува иницијативи и предлози упатени до Републичкиот одбор и зазема ставови за нив.

– Предлага кандидати и кандидатски листи за носители на функциите во органите на власта.

– Ги спроведува одлуките и заклучоците на Републичкиот одбор.

– Ги избира членовите на комисиите и ги именува координаторите.

Член 20

            Извршниот одбор со посебна одлука може да формира Клуб во состав на МСМ, составен од истакнати научни, културни и јавни работници и активисти.

Основната задача на Клубот е да помага во завземањето на ставови на органите на МСМ – СПМ за прашања од стратешка важност за Републиката.

Со работата на Клубот раководи претседател што го избира Извршниот одбор на МСМ. Мандатот на претседателот и на членовите на Клубот трае 2 (две) години со право на повторен избор.

Член 21

            Надзорниот одбор го сочинуваат членови избрани од Собра-нието на МСМ.

Член 22

            Надзорниот одбор врши контрола на материјално-финансиското работење на организацијата.

Надзорниот одбор поднесува извештај за оваа материја до Собранието на МСМ.

Член 23

            Највисок орган на општинската организација на МСМ е општинското собрание кое својата работа ја координира со општинскиот одбор на СПМ и според член 14 ги избира органите.

– Претседателството на МСМ (или ОО на МСМ) го сочинуваат претседателот, потпретседате(лите)лот и генералниот секретар.

Член 24

            Со свои акти органите на МСМ во општинската организација поблиску ја утврдуваат својата внатрешна организација, начинот на конституирање, бројот и составот на органите и телата и нивниот делокруг на работа, како и правата и должностите на носителите на најодговорните функции на МСМ во општините.

Член 25

            Мандатот на органите и носителите на индивидуални функции на МСМ на сите нивоа на организирање трае 2 (две) години. Републичкиот одбор може да врши преиспитување на мандатот на органите и носителите на функциите на МСМ, на сите нивоа на организирање.

Член 26

            Изборот на органите на МСМ како и за носителите на индивидуалните функции се врши со тајно гласање, доколку органот што го врши изборот не одлучи поинаку.

Член 27

            Изборот на членови на органите и на носителите на индивидуални функции во организацијата на МСМ, се врши ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови на органот кој го врши изборот. За избран се смета кандидатот за кого гласале мнозинство од присутните.

Член 28

            Органите на МСМ можат да одлучуваат доколку се присутни повеќе од половината нивни членови, а одлуките се сметаат за легитимни ако за нив гласале мнозинството од присутни членови.

Член 29

            Извршниот одбор на МСМ за својата работа редовно го информира членството и за таа цел изградуваат систем за меѓусебно информирање и комуницирање. МСМ можат да основаат свои информативни гласила.

V

ИМЕ, ЗНАК  СЕДИШТЕ

Член 30

ИМЕ:    Млади социјалисти на Македонија.

 

ЗНАК:   Изборното собрание на МСМ го утврдува логото и химната на младинската организација

 

СЕДИШТЕ:  Седиштето на Младите социјалисти на Македонија е во седиштето на СПМ.

VI

ФИНАНСИРАЊЕ

Член 31

            Средствата за својата активност МСМ ги обезбедува од: прилози од физички и правни лица, приходи од сопствена стопанска и друга дејност, и од други извори.

Член 32

            МСМ како дел од Социјалистичката партија на Македонија го користат имотот и средствата на СПМ.

VII

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 33

            Органите на МСМ се должни да ги усогласат со овој Статут актите на општинските организации најдолго три месеци од денот на усвојувањето на овој Статут.

Член 34

            Одлука за престанок на МСМ донесува Собранието на МСМ.

Член 35

            Измени и дополнувања на Статутот се врши како и при неговото донесување и на начин определен со член 13 од овој Статут.

Член 36

            Овој Статут стапува на сила на денот на негово усвојување.