ДЕКЛАРАЦИЈА

од Деветиот Конгрес на

Социјалистичката партија на Македонија

I

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) на 16.01.2021 во Кратово го одржа својот редовен Девети конгрес, во сложени услови на пандемија од Ковид-19 и со почитување на сите здравствени протоколи.

Согласно Статутот на СПМ беа избрани делегати на Конгресот, како највисок орган на партијата, кои го разгледаа дејствувањето на Партијата и го прифатија Извештајот за активностите на СПМ меѓу двата конгреса.

Конгресот на СПМ ја изрази својата почит кон неодамна починатиот претседател на партијата другарот Љубисав Иванов Ѕинго. Смртта на Љубисав Иванов-Ѕинго, како долгогодишен Претседател на СПМ, остави длабока трага врз сите членови. Неговиот лик и дело ќе останат трајно вградени во темелите на СПМ и ќе имаат одраз врз идното дејствување на партијата, како модерни социјалисти, лојални на татковината и својот народ.

Конгресот на СПМ ја потврди определбата за доследно опстојување на патот за изградба на подобар живот и иднина за граѓаните, во демократско општество, респектирајќи ги пред се интересите на луѓето кои веруваат во хуманите идеи.

Тргнувајќи од поставените стратегиски приоритети СПМ заедно со коалиционите партнери од Коалицијата „За подобра Македонија“ се залагаше да се оствари зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот. Исто така СПМ се ангажираше за демократизација на општествените институции и процеси заедно со напорите во меѓународната интеграција на Република Македонија.

Започнатите инвестиции од коалицијата „За подобра Македонија“ во економијата, инфраструктурата, во образованието, здравството, огромната поддршка во земјоделството, регионалниот развој, туризмот, инвестиции во иновации и информатичката технологија, како клучни елементи на развојот, беа прекинати во поголем дел од Владата предводена од СДСМ. Со тоа се предизвика застој во растот и развојот и неповолни движења на бруто домашниот производ и стандардот на граѓаните.

Освојувајќи ја власта со постизборен инженеринг СДСМ за само помалку од четири години од владеењето создаде длабока криза во државата на економски, политички и социјален план. Кризата продолжува и власта продуцира енормно задолжување, невработеност, корупција, негативни развојни тенденции и рецесија од која се влошува животот на населението.

Со потпишување на договори со соседите Владата на СДСМ прифати еднострани отстапки и ѝ нанесе непоправлива штета на Република Македонија на надворешен план. Таа штета се пренесе во сите сфери на живеење, во достоинството, идентитетот, јазикот, културата и националните обележја на македонскиот народ и граѓаните во Македонија. Штетата е направена од тесногради и лични интереси, а е долгорочна и ненадоместлива.

Државата Македонија во изминатите години се соочи со радикални промени кои не се прифатени од мнозинството граѓани. Тие промени го менуваат карактерот на државата, името и идентитетот и значат неисполнување на референдумски изразената волја на граѓаните. Носителите на власта за непочитување на Уставот и законите и ставањето на Македонија во подредена положба под друга држава треба да одговараат согласно Закон.

II

СПМ е определена за динамични интегративни процеси, за регионална и мултилатерална соработка врз рамноправни основи и со вземна почит. За жал Република Македонија во изминатите години е соочена со процеси и негативни влијанија кои се насочени против интересите на македонскиот народ и националностите кои живеат во неа.

Република Македонија подолг период е блокирана на патот за остварување на стратегиските цели и наместо системско дејствување се воведе вонсистемски пристап и скриени договори за кои не се изјасниле граѓаните, ниту дале било каква поддршка. За СПМ тоа е не прифатлив модел на градење на односите и политиката и не може да се цени како демократско одлучување.

Согледувајќи ја огромната подделеност меѓу граѓаните, политичките партии и бројни организации СПМ оценува дека се создава простор за дејствување на сили од внатре и од надвор кои се стремат да ја поделат и уништат државата Република Македонија.

Настаните кои, во изминатиот период, излегоа надвор од институционалните облици на уредување на општествените односи, уште повеќе може да ги компликуваат и загрозат демократските придобивки и иднината на генерациите кои сакаат да живеат во мир и стабилност. Власта не смее да работи против интересите и изразената воља на граѓаните што СПМ го осудува и отфрла како поданички однос кон странски фактори.

На Република Македонија, македонскиот народ и на националностите кои живеат заедно со него како никогаш до сега им е потребно градење на единство и сплотеност за премостување и одговор на високиот ризик на заканите со кои се соочува државата.

Неопходно е национално помирување, особено за сите личности кои се бореле за правда, за заштита на уставниот поредок на државата, а се неправедно обвинети и осудени на долгогодишни казни.

Македонскиот народ повеќе не смее да биде изложуван на притисоци по сите основи со газење на неговото достоинство и право на слобода и тој мора да одлучува за сопствената држава. Никој од надвор не смее да ни определува што сме и кои сме, што смееме, а што не и да го погазува правото на самоопределување како основно универзално човеково право.

Македонскиот народ повеќе не може и не смее да прави отстапки од своето стекнато и природно право на сопствена држава, идентитет, јазик, историја и култура.

Македонците, Албанците, Србите, Турците, Бошњаците, Ромите, Власите, Египжаните и сите ентитети кои живеат во Република Македонија и кои ја чувствуваат и сакаат како своја Татковина се длабоко загрижени за состојбите во државата и опасностите на кои е таа изложена.

СПМ ја истакнува неопходноста за заштита на македонските национални вредности со дефинирани политички стандарди, за заштита на вредностите на малцинствата, врз основа на меѓународно прифатените договори и стандарди кои бараат и политички консензус и од кои нема отстапување, без разлика на партиската припадност, политичкото и конфесионалното убедување.

Македонската нација и нејзината државотворност се историска реалност и тие се достоинството на секој граѓанин на Република Македонија. Сè друго, како што покажуваат политичките искуства во плурална Република Македонија, го стимулираат сецесионизмот, кантонизацијата и федерализацијата кои се најавуваат кај определени националистички партии и кои предлози за СПМ и за граѓаните се целосно неприфатливи и ги отфрла со идигнација.

СПМ потенцира дека Македонскиот народ никому и никогаш не дал мандат да го крши Уставот и законите во вршењето на правата и должностите. Република Македонија мора да воспостави одбранбен механизам кој ќе се имплементира со европските и со светските механизми во заштитата на националните интереси и во непроменливоста на границите. Тоа се заложби од минатите генерации за кои се бореле и гинеле, за сегашните и за идните генерации да ги почитуваат принципите од кои што нема отстапување.

III

Тргнувајќи од историските корени на македонската државност, историското минато на македонскиот народ и исконската и вековна желба за опстојување и јакнење на македонската држава и народ, СПМ во изминатиот период предлагаше и повторно од својот Девети конгрес ги реафирмира фундаментите за одбрана на виталните македонски национални и државни интереси и тоа:

  1. Република Македонија е единствена, неделива, унитарна и демократска држава базирана на одлуките на АСНОМ и на Уставот на државата.
  2. Никој нема право или овластување да прифати или дозволи редефинирање на државата, нејзина федерализација, кантонизација или разделување под било какви услови и околности на влијание.
  3. Границите на Република Македонија, надворешни и внатрешни не се предмет на расправа и не може да се менуваат без референдуски изразена волја на граѓаните.
  4. Името на Република Македонија, спротивно на изразената референдумска волја на граѓаните актуелната власт со чин на предавство го промени, иако СПМ истакнуваше дека името не е предмет на било какви пазарења или промени, тоа е уставно, едно и единствено.
  5. Никој нема право ниту мандат да го определува идентитетот на македонскиот народ, наговиот јазик и писмо за кои тој самиот единствено одлучува за својата самосвест и национална припадност.
  6. Со обратен етнички и јазичен инженеринг бугарската власт се обидува да ни наметне нешто што за нас во Македoнија е неприфатливо. Тие барања се надвор од принципите на Европската унија, тие не се намалуваат и ескалираат од сите нивоа, сè до наше самоисчезнување. Нема цена по која се можни отстапки за национални и идентитетски прашања. Било која отстапка од било кого кон неразумните барања ќе покрене нова отстапка и уште поголеми барања спротивни на нашите интереси.
  7. Секој напад, негирање или омаловажување на името, идентитетот, јазикот и белезите на државноста нужно мора да предизвика реципрочна реакција на задолжените институции на сите нивоа. Изостанувањето на реакција на нападите ги охрабрува негаторите уште поупорно и понастојчиво да ги негираат обележјата на државата Република Македонија. Затоа недејствувањето од страна на органите на власта и министерствата задолжени за тоа треба да се смета дека надлежните органи се солидаризираат со негаторите, за што треба да сносат соодветна одговорност.
  8. Македонскиот јазик е единствен службен на целата територија на Република Македонија. Воведувањето друг јазик освен македонскиот значи поткопување на унитарниот карактер на државата.
  9. Посегањето и уништувањето на безбедностните институции и структури на Република Македонија е чин на предавство и мора строго да се санкционира и казнува со законите на државата.
  10. Договорите кои се наметнати со влијание од страна и се надвор од предвидената постапка за донесување на државни договори да се прогласат за неуставни, односно да не произведуваат никакво правно дејство или обврски.
  11. Договори кои не се ратификувани во Собранието на Република Македонија не создаваат правен основ за било какво дејствување и треба да се прогласат за ништавни. Единствено место каде што треба да се одлучува за народот и државата е Собранието на Република Македонија и по пат на референдум.
  12. Оформените органи или институции кои не се предвидени во Уставот, а се наметнати или создадени, треба да се укинат, а последиците од тоа да паднат на товар на предлагачите и финансиерите за нивното основање и дејствување.
  13. Да се спроведе задолжителен попис на населението во Република Македонија со примена на сите меѓународни стандарди. Резултатите од пописот, без партиско политички мешања, исклучиво како статистичка операција треба да бидат конечни и прифатени од сите национални заедници во Република Македонија.
  14. Изборната волја на граѓаните никој нема право да ја изигра, манупулира или фалсификува, во спротивно народот нема да ги признае институциите на власта кои ќе се формираат надвор од легитимитетот и мандатот кој го определиле граѓаните.
  15. Одлуките за државните интереси и за внатрешната и надворешната политика на државата може да ги носи само легитимен и надлежен орган на законодавната и извршната власт и никој надвор од тоа не може да креира, предлага и преговара за одлуки кои не ја одразуваат изборната волја на граѓаните.
  16. Политичките партии не смеат да дејствуваат спротивно на уставните и законските одредби, ниту да предлагаат решенија со кои се релативизираат интересите на граѓаните, и нивните права гарантирани со Уставот. Дејствувањето на политичките партии спротивно на Уставот, законите и интересите на државата треба да биде казниво и санкционирано со нивно укинување.
  17. Зачувувањето на слободата и на демократијата, човековите права и слободи бара да се изостават надворешни и внатрешни влијанија во било кој облик на изразување, мешање или наметнување надвор од правниот поредок на државата.
  18. Невладини организации финансирани од странство кои наметнуваат влијанија во државата не смее да бидат дозволени. За нив регулативата треба да се уреди врз принципите на независност и реципроцитет со контрола на финансирањето и потеклото на средствата.
  19. Не смее да се прифаќаат решенија за уредување на државата во области и сектори кои се надвор од меѓународните стандарди и кои не се познати и присутни во замјите членки на Европската унија и во западните демократски општества.
  20. Одбраната на Татковината е света должност и обврска на секој граѓанин. Било какво посегнување по државните симболи, идентитет, територијална целовитост и државност по секоја цена треба да се брани и одбрани од секој граѓанин државјанин на Република Македонија. Отстапувањето од оваа света должност е чин на предавство кон Татковината.

IV

Македонските социјалисти како најстара организирана политичка структура и натаму се цврсто решени да опстојат во крирањето на системот и политиката на Македонската држава. Националните прашања, името, јазикот, идентитетот, културата и се друго не се и не може да бидат предмет на преговори. Тие се гарант за нашиот идентитет, јазик, култура и традиции. Тоа е ставот и на коалицијата и тој став треба да се брани и натаму заедно.

СПМ ја поддржува интеграцијата за Македонија во ЕУ, но не по секоја цена. Ние сме и натаму ќе бидеме Република Македонија, дел од Европа и само така може да се оствари европската интеграција со ­дол­го­роч­на ви­зи­ја за држава­та, ка­ко и за ин­те­ре­сот на си­те неј­зи­ни гра­ѓа­ни.

СПМ и во наредниот период ќе се залага и активно ќе дејствува за подобрување на животниот стандард на граѓаните и за социјална правда. Со мерки и политики да се дава поддршка на домашните и странските инвестиции во нови капацитети и за отварање работни места, поддршка на туризмот, водење на активни политики за вработување, раст на платите и пензиите и за зголемена грижа за корисниците на социјалната помош.

СПМ укажува на важноста од продолжување на обемот на субвенции за земјоделците, обезбедување поволни финансиски средства за инвестиции во производството, преработката и пласманот на земјоделски производи, инвестиции во водостопанските системи и водостопанската инфраструктура, со што производството на храна ќе ја направи државата независна и насочена кон извоз и преработка на производството.

Исто така СПМ е определена за изградба на економија базирана на знаење, за реализација на проекти за младите во сите сегменти на нивното живеење, инвестиции во патната, енергетската и комуналната инфраструктура, подигање на квалитетот на здравствените услуги со нова опрема и едукација на вработените во здравството, инвестиции во образованието, научноистражувачката работа и примената на новите технологии, заштита на животната средина, инвестирање во културата, во спортот, изградбата на станови и за инвестиции во информатичко-комуникациските технологии и друго.

Неопходна е грижа за ранливите категории граѓани, со градење на еднаквост и социјална правда за граѓаните, со изградбата на социјални станови, натамошно намалување на цената на лековите, поевтин и полесен пристап до здравствените и образовните услуги, заштита од енергетска сиромаштија, народни кујни и други мерки во насока на социјална кохезија на ранливите категории граѓани.

СПМ е секогаш со народот и со поддршка и доверба од граѓаните можни се и реално остварливи поставените цели на макроекономската развојна и социјалната политика во земјата.

Со поддршка на претприемништовото и малите бизниси ќе јакне локалната економија со обликување на нов напреден бизнис модел на развојот кој на младите луѓе ќе им обезбеди просперитет и иднина и истата да ја бараат во рамките на сопствената држава.

СПМ и натаму ќе дејствува за изградабата на демократска, правна, и граѓански уредена држава во која власта произлегува и ја определува народот.

Овие заклучоци да се достават до Собранието и Владата на Република Македонија, до сите политички партии, организации и здруженија во државата, како и до организациите и претставниците на меѓународната заедница.

СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА ПАРТИЈА

НА МАКЕДОНИЈА

Донесено во Кратово на 16 јануари 2021 година

„НАСМЕВКА НИЗ ЗАБИ“

Говорот на телото открива често пати многу повеќе од тоа што поединецот сака да каже. Читањето на пораките преку разните манифестации на поединецот се учи, исто како и начинот на изразување, кој, ако се анализира ни открива друга слика од прикажаната.
Да се соопшти пораз со насмевка е нешто што е вежбана појава, но со цел. Често повторувана зошто бројни се поразите и срамот, а насмевката е „кисела“.
Да се прикаже црното дека е бело или обратно е исто така научно фундирана постапка. Маркетинг опција за политиката е постојано да се докажува дека си во право, а опозицијата не чини и таа е закана за се, па треба да ја снема зошто ги открива злоделата на власта. Тоа е израз на неспособноста за хумано однесување и скриено зло кое блика низ насмевката со белите заби.
Народот одамна ги прочита лагите, знае да одбере кој ја кажува вистината и затоа е со него и му ја дава довербата.
Премиерот З.З. ја свитка повторно кичмата во Софија и најави дека тоа ќе го прави пак, и пак, без усул и без срам, до бескрај. Не доби ништо, а сите знаеа дека во сегашните локални состојби да се добие „нешто“ е невозможна работа. Тој како да не знае дека ја срами целата држава и дека неговата политика на продажба на народот и државата е поразена. Со насмевката која треба да биде проучувана од повеќе професии се открива поривот на неговите лукративни намери.
Тој поразот го соопштува, ама со насмевка низ заби. Ветува дека ќе успее да добие датум, за датумот, за датумот…. и тоа ако не сега многу скоро, наскоро, понатаму и уште поскоро, ако не оваа, следната сезона и тоа се низ насмевка и лажен оптимизам.
Веќе не е важен ни датум ни почеток на процес кој може да трае со децении, ако се нема воља на другата страна за почит на државата и народот. Опстојувањето на македонскиот народ е вековно и ќе продолжи, но неопходно е казнување на велепредавниците за штетата која му ја нанесоа.
Мандатот врви, а тој нема можност да соопшти радосна вест, неговата деловна и друга способност се во прашање. Добра вест за него е што криминалот и корупцијата се шират. Се шират и плантажите со марихуаната и приходите од неа, а судството и полицијата за да молчат добија поголеми плати. Тоа е тоа, моделот е купи за да нема бунтови, а власта ќе си „владее“ уште еден век.
Следат избори и пораз на киселите насмевки за него и за неговите следбеници кои добро си ги наплатуваат услугите. Ќе им биде кисело задоволството, со насмевки низ заби.
Социјалистите знаат и работат постојано за државата која се гради со лубов и со посветеност, а не со купи-продај политика на ЗЗ.
Социјалистите се доследни на принципите на илинденците и на асномците кои ја создадоа македонската држава и со довербата од народот ќе се борат за нејзино опстојување и јакнење.

ЈП

Статут на МСМ

 

С Т А Т У Т

на Млади социјалисти на Македонија – МСМ

 

I

Ч Л Е Н С Т В О

 

Член 1

            Член на Младите социјалисти на Македонија може да биде секој млад граѓанин на Република Македонија (од 18 -30 години)кој ги прифаќа Програмата и Статутот на СПМ – односно Програмата и Статутот на МСМ.

Член 2

            Зачленувањето и евиденцијата на членството се врши со потпишување на пристапница во месната или општинската организација на СПМ – МСМ.

II

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ

Член 3

            Членот на МСМ има право да дава иницијативи и предлози за работата на органите на СПМ и МСМ, да учествува во нивната работа, да искажува лично мислење и ставови и да се бори за нивно усвојување и остварување, да избира и да биде избран во органите и телата, како и да предлага и утврдува кандидати за функции во МСМ, односно СПМ, и во други невладини, неполитички општествени организации и движења.

Член 4

            Младите социјалисти на Македонија во рамките на СПМ ги остваруваат своите права за истакнување на кандидати за избор на советници, градоначалници и пратеници, како и предлог кандидати за учество во извршната власт.

Член 5

            Членовите на МСМ избрани во државните органите се должни да ги застапуваат определбите и политиката на СПМ и МСМ, за што одговараат пред СПМ.

Член 6

            Членот на СПМ – МСМ е должен да се придржува на Статутот и да работи на остварувањето на програмските цели на МСМ, односно СПМ и со својот однос и работа да го чува и унапредува угледот и влијанието на СПМ и МСМ, совесно и одговорно да ги врши сите функции во органите и телата на СПМ и МСМ.

Член 7

            Членувањето во МСМ престанува со доброволно истапување од организацијата. Член на МСМ може да биде исклучен доколку дејствува спротивно на интересите на МСМ и нејзините статутарни и програмски цели.

Одлуката за исклучување ја донесува Општинскиот одбор на организацијата и за исклучен се смета оној член за чие исклучување гласале мнозинство од присутните членови. Против одлуката за исклучување, членот има право на жалба во рок од 30 дена од донесувањето на одлуката.

Како второстепена инстанца за поднесување жалба се смета Извршниот одбор на МСМ кој по истата се произнесува  во рок од 30 дена од денот на упатувањето.

Ако членот во рок од 30 дена не ја обжали одлуката за негово исклучување таа станува полноважна.

III

НАЧИН НА ОРГАНИЗИРАЊЕ

Член 8

            Младите социјалисти на Македонија се организираат на територијален и функционален принцип (секции, клубови, друштва и сл.).

Член 9

            Општинската организација ја сочинуваат сите членови на МСМ од таа општина.

Општинските организации се здружуваат во Градска организација на секаде каде што има услови за тоа.

Член 10

            Месната организација може да се формира ако има најмалку 5 члена.

Месната организација може да се формира и да дејствува на подрачјето на една, две или повеќе месни заедници во зависност на бројот на членови.

Во рамките на месната организација, доколку таа брои над 10 члена, треба да се избере орган и да се формираат некои облици на организирање и дејствување во согласност со Статутот и Програмата на МСМ.

IV

ОРГАНИ НА РАКОВОДЕЊЕ

Член 11

            Органи на раководење на МСМ се:

                        – Собрание;

                        – Републички одбор;

                        – Извршен одбор;

                        – Надзорен одбор;

                        – Претседателство.

 

Член 12

            Собранието е највисок орган на МСМ и се одржува со одлука за свикување од страна на Републичкиот одбор. Бројот и начинот на избор на делегати со одлука го утврдува Републичкиот одбор на МСМ.

Собранието на МСМ може да биде свикано и на барање на 2/3 мнозинство од Општинските организации на МСМ и тоа според бројот на општините според моменталната територијална поделба на РМ, во рок од 3 (три) месеци.

Член 13

            Собранието го донесува Статутот, Програмата и Деловникот за работа на МСМ, го усвојува Извештајот за работа на МСМ помеѓу две собранија, избира Републички одбор и Надзорен одбор. Во периодот помеѓу две собранија измени и дополнувања на Програмата и Статутот на МСМ може да врши Републичкиот одбор за што извештај поднесува пред Собранието. Собранието избира претседател, потпретседател(и) и генерален секретар.

Собранието го усвојува Извештајот за работа на Републичкиот и Надзорниот одбор.

 

Член 14

            Републичкиот одбор е највисок орган на раководење на МСМ во период помеѓу две собранија, избира Извршен одбор, го верификува Извештајот на Извршниот одбор и свикува Собрание.

Републичкиот одбор дава оценка за работата на општинските организации, Градската организација и Извршниот одбор на МСМ.

По престанувањето на мандатот на Претседателството, Републичкиот одбор избира ВД Претседателство (со просто мнозинство), кое ја објавува функцијата на претседателството до изборото на ново.

 

Член 15

            Републичкиот одбор ги разгледува сите прашања врзани за спроведување на Програмата на МСМ и покренува и разгледува други прашања и проблеми од значење за развојот и работата на МСМ:

– ги утврдува основите за соработка со другите подмладоци на политички партии и други организации и сојузи, здруженија, движења, како и меѓународна соработка со подмладоците на социјалистичките партии во Европа и светот;

– формира свои тела и облици на дејствување;

– донесува финансиски план и завршна сметка на МСМ.

Член 16

            Претседателот на МСМ е истовремено и претседател на Републичкиот одбор и претседател на Извршниот одбор.

Претседателот на МСМ ја преставува организацијата, ги свикува седниците на Републичкиот и извршниот одбор, покренува расправа за одделни прашања од делокругот на работата на Републичкиот и Извршниот одбор, се грижи за донесување, остварување и спроведување на одлуките и заклучоците што ги донесува Републичкиот и Извршниот одбор.

Член 17

            Потпретседателите на МСМ се истовремено и потпретседатели на Републичкиот и Извршниот одбор.

Потпретседателите го заменуваат претседателот во негово отсуство.

Потпретседателите на МСМ одговараат за работата на МСМ, а нивните ингеренции се поделени на територијален принцип.

Член 18

            Генералниот секретар на МСМ истовремено е Г.секретар на Републичкиот и Извршниот одбор.

Генералниот секретар на МСМ ја претставува организацијата и застапува во имотно-правните работи, обезбедува извршување на програмата, одлуките и заклучоците на Републичкиот и Извршниот одбор.

Се грижи за наменско трошење на средствата, во соработка со претседателот ги подготвува седниците на Републичкиот и Извршниот одбор, ја потпишува работната документација на Републичкиот и Извршниот одбор.

Член 19

            Извршниот одбор е одговорен за остварување на актите на Републичкиот одбор и во таа насока:

– Ги организира и свикува седниците на Републичкиот одбор.

– Помеѓу седниците на Републичкиот одбор разгледува прашања од интерес за спроведување на Програмата на МСМ.

– Разгледува иницијативи и предлози упатени до Републичкиот одбор и зазема ставови за нив.

– Предлага кандидати и кандидатски листи за носители на функциите во органите на власта.

– Ги спроведува одлуките и заклучоците на Републичкиот одбор.

– Ги избира членовите на комисиите и ги именува координаторите.

Член 20

            Извршниот одбор со посебна одлука може да формира Клуб во состав на МСМ, составен од истакнати научни, културни и јавни работници и активисти.

Основната задача на Клубот е да помага во завземањето на ставови на органите на МСМ – СПМ за прашања од стратешка важност за Републиката.

Со работата на Клубот раководи претседател што го избира Извршниот одбор на МСМ. Мандатот на претседателот и на членовите на Клубот трае 2 (две) години со право на повторен избор.

Член 21

            Надзорниот одбор го сочинуваат членови избрани од Собра-нието на МСМ.

Член 22

            Надзорниот одбор врши контрола на материјално-финансиското работење на организацијата.

Надзорниот одбор поднесува извештај за оваа материја до Собранието на МСМ.

Член 23

            Највисок орган на општинската организација на МСМ е општинското собрание кое својата работа ја координира со општинскиот одбор на СПМ и според член 14 ги избира органите.

– Претседателството на МСМ (или ОО на МСМ) го сочинуваат претседателот, потпретседате(лите)лот и генералниот секретар.

Член 24

            Со свои акти органите на МСМ во општинската организација поблиску ја утврдуваат својата внатрешна организација, начинот на конституирање, бројот и составот на органите и телата и нивниот делокруг на работа, како и правата и должностите на носителите на најодговорните функции на МСМ во општините.

Член 25

            Мандатот на органите и носителите на индивидуални функции на МСМ на сите нивоа на организирање трае 2 (две) години. Републичкиот одбор може да врши преиспитување на мандатот на органите и носителите на функциите на МСМ, на сите нивоа на организирање.

Член 26

            Изборот на органите на МСМ како и за носителите на индивидуалните функции се врши со тајно гласање, доколку органот што го врши изборот не одлучи поинаку.

Член 27

            Изборот на членови на органите и на носителите на индивидуални функции во организацијата на МСМ, се врши ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови на органот кој го врши изборот. За избран се смета кандидатот за кого гласале мнозинство од присутните.

Член 28

            Органите на МСМ можат да одлучуваат доколку се присутни повеќе од половината нивни членови, а одлуките се сметаат за легитимни ако за нив гласале мнозинството од присутни членови.

Член 29

            Извршниот одбор на МСМ за својата работа редовно го информира членството и за таа цел изградуваат систем за меѓусебно информирање и комуницирање. МСМ можат да основаат свои информативни гласила.

V

ИМЕ, ЗНАК  СЕДИШТЕ

Член 30

ИМЕ:    Млади социјалисти на Македонија.

 

ЗНАК:   Изборното собрание на МСМ го утврдува логото и химната на младинската организација

 

СЕДИШТЕ:  Седиштето на Младите социјалисти на Македонија е во седиштето на СПМ.

VI

ФИНАНСИРАЊЕ

Член 31

            Средствата за својата активност МСМ ги обезбедува од: прилози од физички и правни лица, приходи од сопствена стопанска и друга дејност, и од други извори.

Член 32

            МСМ како дел од Социјалистичката партија на Македонија го користат имотот и средствата на СПМ.

VII

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 33

            Органите на МСМ се должни да ги усогласат со овој Статут актите на општинските организации најдолго три месеци од денот на усвојувањето на овој Статут.

Член 34

            Одлука за престанок на МСМ донесува Собранието на МСМ.

Член 35

            Измени и дополнувања на Статутот се врши како и при неговото донесување и на начин определен со член 13 од овој Статут.

Член 36

            Овој Статут стапува на сила на денот на негово усвојување.

 

 

 

 

Став на СПМ за Законот за зголемување на горивата

Власта на Заев својата неспособност и недомаќинско работење ќе го покрива со кризен данок, кој сакаат да го прикажат како таканаречена еколошка такса.
Патем, ваквата мерка за собирање арач од граѓаните сакаат да ја спроведат злоупотребувајќи европско знаме во собраниската процедура, со цел, на мала врата наметнат поскапување на горивата од 4,13 денари по литар.
Прашуваме, што има европско во законот за зголемување на цената на горивата, или т.н. еколошка такса?
Според предложениот закон никаде не може да се најде дека истиот е усогласен со европските регулативи, за да имаат право да се повикуваат на европското знаме.
Овој кризен данок кој Заев сака да го прикаже како еколошка такса е најскап во Европа. Така македонските граѓани ќе плаќаат 5,7 евроценти за литар гориво поскапо, исто колку што плаќаат во Велика Британија.
Каде е стандардот на македонските граѓани во споредба со тие во Британија и остатокот од Европа? Ова само ќе ги зголеми трошоците и на превозниците и на сите останати сектори и со тоа ќе се отвори инфлаторната спирала која ќе го доуништи македонскиот стандард кој и онака е погоден од целата криза.
Дополнително, најнеспособната, најнеинвентивната и најмрзливата власт во Европа, предводена од Заев, парите кои планира да ги прибира според новиов арач, нема конкретен план каде и како ќе ги потроши за таканаречените зелени проекти.
Оттука логично се поставува прашањето дали испумпувањето на пари од економијата и граѓаните ќе се користи за покривање буџетски дупки, или луксузирања, или пак, можеби за предизборен поткуп?
Повикуваме на разум од страна на власта и ова собраниско мнозинство. Веднаш да се повлече законот за воведување на кризен данок, или ако сакате, овој закон кој на мала врата сакаат да го протуркаат како наводна еколошка такса.
Доколку власта остане глува на предупредувањето на експертите и на јавноста, и го донесе на сила ова законско решение, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ ќе го ревидираат уште на првата Седница при промената на власта во Република Македонија.
Пратеничка група на Коалицијата „Обнова на Македонија“